A view from underwater of encircling trees, with the scene reflected in a mass of bubbles.

Есенско фотографирање

Доловување на убавината на есента од нова перспектива

Природата приредува претстава за време на есента што е уникатна во однос на другите годишни времиња. Честите врнежи ги заситуваат тоновите, нежниот ветар создава ритмички тек, а маглата создава празни платна во бела и сива боја што создаваат контраст наспроти боите на променливите есенски лисја.

„Есента е годишно време што најмногу ги стимулира сетилата. Ве приморува да размислувате за животот“ - вели Theo Bosboom, фотограф за природа и пејзажи од Холандија. „Но и покрај тоа што е прекрасно годишно време, многу е тешко да создадете нешто што не е видено досега“. Во својата серија „Есенски лисја“, Theo се обиде да пронајде начин на кој ќе го истакне најдоброто од ова годишно време.

Theo редовно испраќа фотографии на National Geographic и списанието BBC Wildlife и веќе двапати ја освои наградата European Wildlife Photographer of the Year (Европски фотограф за диви животни на годината). По неколку посети на долината Hoëgne во Белгија, година за година, тој почувствува дека доловил сè што можеле да му понудат шумите.

„Оваа слика за мене го претставува крајот на есента бидејќи има само неколку лисја на релативно голите гранки, а во заднината има магла. Во неа има многу тивка и неподвижна енергија, а тоа ме потсеќа на јапонски слики - едноставни, графички, со силен контраст“ - вели Theo.

„Шумата е многу живописна и волшебна во есен, но по неколку години сфатив дека ја снимив од сите можни агли“ - вели тој. „Почнав да се прашувам ‚Дали е тоа сè?‘. Тогаш ненадејно паднаа неколку лисја во потокот и гледав како ги носи водата, како се тркалаа под малите водопади и како се заглавија зад некои гранки и камења. Тогаш ми дојде идејата да ги снимам лисјата од под површината на водата, на начин како што, можеби, рибите ја гледаат есента“.

Иако идејата за „Патувањето на есенските лисја“ можеби изгледаше многу едноставна, нејзината реализација воопшто не беше лесна. „Во тој период фотографирањето ми беше само хоби“ - објаснува тој, но ја набави водоотпорната футрола WP-DC28 од Canon за неговиот компактен PowerShot G10 од Canon. Тој мораше да носи гумени чизми и кабаница, а притоа се движеше низ ладниот поток, го користеше фотоапаратот во водоотпорна футрола под водата и го насочуваше кон небото.

„Не можев да видам што правам, но секогаш кога покрај мене ќе поминеше некој лист го притискав копчето и се надевав на најдоброто“ - продолжи тој. „Поголем дел од сликите беа многу лоши и имав снимено многу автопортрети случајно, но една од сликите навистина изгледаше прекрасно [погледнете подолу]. Тогаш сфатив дека ова може да прерасне во проект и тогаш одлучив да инвестирам во подводната футрола за мојот EOS 5D Mark III од Canon [сега е заменет со поновиот EOS 5D Mark IV од Canon]“.

The overarching trees are pictured from under the water, with a lone leaf floating on the surface.
„Мислам дека вака добиваме нова перспектива на есента - приказ под водата од опкружувањето над неа со лисјата измеѓу нив“ - вели Theo. „За мене е специјална бидејќи ја снимив за време на првата сесија и тоа е сликата што ме поттикна да продолжам со проектот“.

Со тек на годините, Theo брзо прерасна од аматер во професионалец, а во 2013 година се откажа од својата секојдневна работа како адвокат. Ги усоврши неговите техники за фотографирање под вода, користејќи природна светлина секаде каде што тоа е можно, што, за разлика од фотографирањето пејзажи, значи дека најдоброто време за фотографирање е средината на денот.

„Кога сонцето беше највисоко, реките добиваа максимална количина на светлина, па затоа многу ретко користев блиц, освен ако водата не беше многу заматена или ако сакав да осветлам некој интересен агол“ - вели тој. „Морав да зголемам ISO за да снимам добри слики во реката, бидејќи ми требаше повеќе светлина под водата. За среќа, зголемувањето на вредноста на ISO кај EOS 5D Mark III од Canon не предизвика намалување на квалитетот“.

Слични написи
A fox stares through a gap in a bush, which is out of focus. Photo by Ossi Saarinen.

ФОТОГРАФИРАЊЕ ПРИРОДА

Приказната на Ossi Saarinen за фотографирање урбана природа

По само три години од неговото прво фотографирање, карактеристичните фотографии од животни на Ossi станаа хит на социјалните медиуми. Тука објаснува како започна неговото хоби.

Alan Rowan stands on the side of a hill taking a photo using a Canon compact camera, with a river in the valley behind him.

ФОТОГРАФИРАЊЕ ПРИ ПАТУВАЊА

Како Munro Moonwalker снима планински пејзажи

Од шарени макро-снимки до магливи планински врвови, еве како Alan Rowan го користи SX740 HS од Canon за да ја добие совршената слика во природа.

A river flowing through a landscape of mossy rocks, rising steeply on both sides.

СОВЕТИ И ТЕХНИКИ

Научете да ја користите експозицијата правилно

Дознајте како да го прилагодите количеството светлина во вашите фотографии за да им го промените изгледот.

„Сакам да фотографирам меурчиња под површината на водата бидејќи прекрасно го рефлектираат опкружувањето над нив. Најдобрите места на кои може да пронајдете меурчиња се местата покрај водопади или места со брз тек на водата“.

Theo не можеше да ги гледа своите композиции во реално време и затоа мораше да експериментира, но знаеше дека може да преземе неколку чекори за да си ги подобри шансите. „Секогаш сакам да фотографирам во режимот за приоритет на отвор на блендата, бидејќи сум сигурен дека фотоапаратот ќе ја избере најдобрата брзина на блендата. Тогаш имам слобода да експериментирам со длабочината на полето, што е многу важно при фотографирање пејзажи и кога сакате да доловите многу детали“ - вели тој.

„Под водата не ми требаше голема длабочина на полето, што ми овозможи да користам широк отвор на блендата за да добијам повеќе светлина. Автоматскиот фокус на фотоапаратот беше многу стабилен и треба задолжително да го користите, а јас научив како да се доближам до субјектот максимално, особено кога водата беше матна. Исто така, открив дека со широкоаголен објектив ќе добиете најдобри резултати“.

„Оваа ми е омилената слика од колекцијата. Го држев фотоапаратот на дното од потокот, што ми овозможи подолготрајна стабилност и користење мала брзина на блендата од третина секунда, а притоа лисјата останаа остри и водата погоре отсликуваше движење. Мислам дека тоа добро се вклопува со мојата замисла за есен: текот на работите околу нас, животниот циклус“ - објаснува Theo.

За оние кои не се сигурни дека можат да фотографираат под вода, над површината на водата има огромен потенцијал за фотографирање што ќе го задоволи вашиот есенски апетит. „Луѓето често бараат извонредни пејзажи и го трошат целото време чекајќи ја „идеалната“ светлина, но јас сакам да се концентрирам на детали, а тие подеднакво го привлекуваат вниманието, ако не и повеќе“ - вели тој. Паднати лисја, желади, зрнести плодови во светли бои и печурки се идеални есенски субјекти за кои не се потребни одлични временски услови или силна светлина. „Погледнете ја земјата околу вас и брзо ќе забележите многу интересни нешта - со деталите добивате неограничени можности“.

Зборот „детали“ може да поттикне идеи за макро фотографирање - многу компактни фотоапарати имаат одлични перформанси за макро фотографирање - но Theo ви посочува да се фокусирате на одреден аспект од сцената, а не целата сцена. „Сакам да го користам објективот EF 70-200mm f/2.8L USM од Canon за да фокусирам нешто, на пример, дел од некое дрво, а потоа зумирам поблиску или подалеку за да го добијам саканиот кадар“ - вели тој. „Истото може да го направите и со компактен фотоапарат - работете со опремата што ја имате“.

„Ова е една од првите слики што ги имам снимено и таа ја раскажува приказната на овој планински поток“ - вели Theo. „Многу класичен и безвременски пејзаж над површината на водата што ја означува максималната точка што сум можел да ја достигнам со овој стил на фотографирање на оваа река во шумата. Токму тогаш се запрашав ‚Што е следно?‘. Ја обожувам сивата и маглива утринска светлина. Композицијата содржи паднати лисја, а движењето во водата, како и папратите, плажата и брезите, внесуваат рамнотежа во неа“.

Истото важи и за временските услови, бидејќи Theo е фотограф чија работа не зависи од убави временски услови. Тој тврди дека не постојат лоши временски услови кога станува збор за фотографирање природа, туку само лоша облека (или недоволна заштита за фотоапаратот - не сите фотоапарати се еднакво отпорни на вода, па затоа е добро да инвестирате во соодветна заштита од дожд или сенило за објектив). Тој вели: „Треба да ја погледнете временската прогноза и да направите план, но сите временски услови нудат различни можности - треба само да размислувате покреативно. По дождот, боите изгледаат поживописни. Ветровитото време може да ги наруши сликите со долги експозиции кога сакате да доловите остри слики од лисја или други предмети што се движат, но може да експериментирате и да добиете импресионистички слики од тие предмети во движење. Магливите услови создаваат одлична атмосфера. Тука спаѓаат одличните утра со магла, роса и растурени зраци светлина. Премногу сум нетрпелив за да ја чекам „идеалната“ светлина, па ако светлината не ми одговара за тоа што сакам да го фотографирам, тогаш одам да најдам нешто друго што можам да го фотографирам“.

„Оваа слика ја снимив над површината на водата на една мала плажа, со есенски бои, но ја применив истата техника со која снимав слики под вода и користев широкоаголен објектив насочен кон небото, а претходно легнав под дрвото за да ја добијам оваа перспектива“ - вели Theo. „Ми се допаѓа како има голем контраст во однос на замаглената гола шума, бидејќи дрвата немаа лисја“.

Колку и да е љубител на есента, Theo вели дека може да бидете креативни и за време на периодите на транзиција. „Фотографирајте летни цвеќиња при крајот на нивниот животен циклус што се пробиваат низ паднатите лисја или, пак, следете ја временската прогноза за првиот снег, бидејќи кога ќе падне во постоечките есенски бои тој ќе создаде прекрасна мешавина од годишни времиња“ - вели тој.

„Оваа слика е многу типична за мојот стил на фотографирање каде што барам интересни шаблони, детали и ритми“ - вели Theo. „Многу ми се допаѓа дистрибуцијата на лисјата и малото количество на пена. Ја снимив во плиткиот дел на реката, каде што водата не се движеше многу брзо. Ова е убава колекција од различни видови на лисја во различни бои и фази“.

Проектот „Есенски лисја“ на Theo е објавен на многу медиуми и тој освои втора награда во категоријата креативни замисли на натпреварот 2013 Wildlife Photographer of the Year (Фотограф за диви животни за 2013-та година) за една од неговите слики. Поради сè поголемиот број на фотографи кои сакаат да привлечат внимание на социјалните платформи со лисјата во шумите, тој вели дека треба да пронајдете нова перспектива за да се истакнете. „Може да отпатувате во далечни места и да снимите прекрасни слики, но повеќето уредници нема да ги забележат доколку не се поинакви на некој начин“ - вели тој. „Добро помислете ‚Што можам да додадам на сè што е веќе снимено?‘“

Напишано од Natalie Denton

Слични производи

Слични написи



Get Inspired е најголемиот извор на практични совети за фотографирање, водичи за купување и информативни интервјуа - сè што ви е потребно за да го пронајдете најдобриот фотоапарат или најдобриот печатач и да ја реализирате вашата следна креативна идеја.

Назад до сите приказни