Barcelona street photographed by Christopher Anderson using the Canon EOS M5

На почеток

Самоукиот фоторепортер Christopher Anderson е роден во Канада, пораснал во западен Тексас, а поголемиот дел од животот како возрасен за свој дом го сметал Њујорк. Како член на престижната Magnum Photos, а до неодамна и првиот долготрајно ангажиран фотограф на New York Magazine, тој сега основа нов дом во Барселона со своето семејство. Се сретнавме со него додека ја истражуваше новата околина за да дознаеме повеќе за неговиот концепт за домот, неговиот пристап кон уличното фотографирање и што за него претставува добар фотоапарат.

Патувањето дома

За Chris, суштината на домот е поврзаноста - со семејството, со звуците и ритмите на улиците и луѓето околу неговото место на живеење. Но тој поминал голем пат за да открие каде всушност се наоѓа тоа место.

„Го напуштив домот во кој израснав на прилично мала возраст и живеев на многу различни места, патувајќи низ светот во потрага по егзотичното. Љубопитноста и авантуристичкиот дух ме движеа напред, но кога ќе погледнам назад во минатото, гледам дека ми помогнале и да откријам што домот всушност значи за мене.“

„Пред да формирам семејство, речиси постојано патував – живеев во постојано движење – а домот за мене беше она место во кое ќе се разбудев дента. Иако плаќав кирија, може да се каже дека бев бездомник, бидејќи немав чувство дека некаде припаѓам. Но, зад сето тоа постојано движење се криеше потрагата по местото во кое ќе припаѓам, чувството на потрага по вистински дом.“

„Раѓањето на мојот син и книгата SON која ја изработив за него, направи за првпат да го разгледам моето опкружување. Дури тогаш ми стана јасно дека домот повеќе е интимниот простор кој го споделувам со луѓето кои ги сакам, а помалку некое конкретно место, град или куќа.“

„Сите патувања и фотографии кои ги имав снимено дотогаш како да ме подготвуваа за да ги снимам тие фотографии од мојот син. Тие ми овозможија да го доловам она што секогаш го барам во фотографиите – вистинска поврзаност со универзалното доживување кое истовремено е и уникатно и целосно мое.“

„По издавањето на книгата SON, чувствувам дека голем дел од моето дело ќе продолжи да ја истражува идејата за домот, почнувајќи од јадрото на моето семејство и постепено протегајќи се пошироко. Барселона е уште едно продолжение на моето лично патување. Сѐ уште го фотографирам мојот дом, само сега го правам тоа на друго место.“

Воспоставување емоционални врски

Chris го опишува чинот на фотографирање како „постапка што ми овозможува интеракција со она со што се поврзувам“ и како „изговор да се поврзам и да откријам повеќе за себеси“. Но, тој признава дека треба да помине многу време во новиот дом пред да се доближи до емоционалната поврзаност или квалитет по кој секогаш се стреми - тој редок елемент кој едноставно се истакнува и буквално ве зграпчува.

„Кога ги гледам најраните фотографии кои сум ги снимал на места што ми биле сосема непознати – можам да го видам елементот на нови откритија. Сѐ изгледа одлично и зрачи со свежина и егзотична новост – но штом го надминам тоа и навлезам подлабоко и подетално во некое место, дури тогаш почнуваат да се создаваат вистинските фотографии.“

„На пример, кога почнав да ги снимам фотографиите за проектот од кој подоцна настана мојата книга SON, не ги гледав во професионален контекст - бев само татко кој го фотографира своето семејство. Ме изненади колку природно изгледаа фотографиите и сфатив дека токму тоа отсекогаш сум го барал при фотографирањето. Не се обидував да снимам убави слики - едноставно гледав во нешто со што бев силно поврзан. Истото важи за сè што фотографирам. Колку подобро разбирам нешто, толку поприродно изгледаат фотографиите и толку е поголема емоционалната вистина во фотографијата.“

„Затоа, кога ги разгледувам моите фотографии при уредувањето, не го барам совршеното светло, композиција или експозиција - барам слика што ме пресекува и силно ме погодува, слика која емоционално ме трогнува. Тоа е и единствениот начин фотографијата да биде интересна и за другите - доколку на сличен начин ги погоди.“

„Сите трикови со комбинациите на светлото, бојата, итн. на крајот се само украси - тие не се она што прави фотографијата да допре до некого - сето тоа е само декоративно. Вистинската душа на фотографијата е нешто со што сите може да се поврзат. Понекогаш се работи за нешто што не можете ни да го објасните, да го искажете или да го покажете, но сепак е присутно. Таквата магија прави фотографијата да се истакне пред останатите и да се пробие низ метежот. Секој може да направи убава фотографија, но јас сакам моите фотографии да допираат до луѓето на подлабок начин“

„Сум работел на секакви проекти, од воени фотографии до портрети и сè она што се наоѓа помеѓу, преку многу различни визуелни јазици - но сметам дека постои некоја идеја која ги обединува сите нив и го дава истото чувство на емоционална поврзаност.“

Поезијата на улиците

Chris објаснува дека при поврзувањето со непознатите луѓе и места во Барселона, целта му била да ја долови, како што вели, сензуалноста и поезијата на улиците:

„Она што е прекрасно кај уличното фотографирање е слободата што ви ја овозможува за да набљудувате и да се поврзувате. Самата постапка бара дисциплина - како свирење музички инструмент - која на некој начин претставува надополнување на набљудувањето. Тоа е како фино прилагодување на радио - на почетокот добивате само некаков шум, но потоа одненадеж ја слушате музиката и го чувствувате ритамот на местото во кое се наоѓате. Единствен начин на кој можам да го опишам е - сензуално задоволство.“

„На улиците постои магија што едноставно се распространува низ фотографиите - можеби се работи за осветлувањето, можеби композицијата е онаа што им вдахнува живот на фотографиите. Осветлувањето може многу да ја промени сцената, да ги опсипе предметите со неверојатен сјај и на тој начин во ситуацијата да внесе нешто што ги надминува боите, дејствата или географијата на местото. Многу време поминувам во потрага по вистинското осветлување, но мислам дека тоа е интуитивно, нешто што се гледа, но и се доживува. Осветлувањето го подобрува моментот.“

„На крајот, моите фотографии се одраз на моето искуство или неискуство, а кога сум на улиците се обидувам да ја доловам поезијата, а не да снимам прилог за вести! Кога сите овие работи ќе се соединат - како девојката со црно-бела маичка и впечатлива црвена коса која чекори кон неверојатните црни сенки и врелата светлина на тесната уличка - тоа е поезија“

Добар фотоапарат

За да ја долови поезијата на улиците на Барселона, Chris се служеше со EOS M5, новиот, лесен и компактен фотоапарат без огледало од Canon, кој отелотворува многу од особините кои тој ги бара кај добриот фотоапарат - едноставно користење, одлична преносливост и исклучителни перформанси.

„Кога користите добар фотоапарат треба да се чувствувате природно. Сакам брзо да реагирам на сцените и да не морам да размислувам за механиката - за мене тоа ја уништува магијата на фотографиите. Фотоапаратот што го олеснува доловувањето на емоционалното поврзување е поважно од техничките спецификации. Мал, лесен фотоапарат како што е EOS M5 е навистина одличен кога треба да пешачам на долги растојанија - како 5-те милји што ги пропешачив при фотографирањето низ Барселона!“

„Порано работев во градежништво, каде што сите имаа свои алати со кои се чувствуваа најсигурни при работењето. Исто е и со фотоапаратот; мора да знам како ќе реагира и мора да ми влева сигурност за да можам да го користам како продолжение на очите и рацете. Морам да бидам сигурен дека одлично ќе си ја заврши работата! EOS M5 го стори токму тоа.“