Cuban fashion and street photography by Sarah Caron using the Canon EOS M5

Доловување на кубанскиот ритам

Sarah Caron е француски женски фоторепортер со седиште во Париз. По завршувањето на образованието, отпатувала во Куба во 1994 година и ги снимила неверојатните фотографии кои го означиле почетокот на нејзината кариера како професионален фотограф. Оттогаш, хонорарно работела на разни задачи во Африка, Јужна Америка, Азија и Средниот Исток за повеќе списанија, меѓу кои и Time и Paris Match. Притоа, за својата работа која била изложувана ширум светот освоила голем број награди и субвенции. Се сретнавме со неа во Куба, каде што одвои време од динамичното модно фотографирање за да го испроба фотоапаратот EOS M5 и да ни каже малку повеќе за својата кариера и нејзиниот пристап кон снимањето одлични фотографии.

Почетоците

Започнавме со прашање за Sarah околу тоа што ја привлекло за прв пат кон животот како професионален фотограф, наместо нејзиниот тинејџерски сон да стане класична балерина..

„Отсекогаш ме привлекувале сликите, уште од најрана возраст. Родителите ме носеа во музеи за да ги видам делата на врвните сликари, за кои сметам дека на многу начини биле фоторепортерите на своето време. Исто така ми се допаѓаше и балетот, така што кога бев тинејџерка, мислев дека можам да станам класична балерина. Тогаш за прв пат ја посетив Куба - како студент на Alicia Alonso School of Ballet во Хавана. Сепак, на крајот, мојата одушевеност од историјата беше она што навистина го инспирираше моето фотографско патешествие. Додека ја изработував магистерската теза за литературата и цивилизацијата на Шпанија и Јужна Америка, ги открив делата на Christina Garcia Rodero, извонреден шпански фотограф, во нејзината книга Окултна Шпанија (Espana Oculta). Потоа, ми стана јасно дека фотографијата е она што сакам да го работам и оттогаш никогаш не сум имала какви било преиспитувања или премислувања за избор на друга професија.“

Враќање назад

Враќањето на истите места е заштитен знак на фотографирањето на Sarah...

„Фотографиите што ги направив кога се вратив на Куба во 1994 година - пред повеќе од 20 години - ја започнаа мојата кариера како професионален фотограф. Кога и да имам можност, сакам повторно да се враќам на местата на кои сум работела порано. Кога веќе ги знаете интимните детали на некое место и неговите жители, може да заштедите многу време. Кога се враќам пак, не само што имам можност да ги фотографирам промените што времето ги донело на тој простор, туку можам и подлабоко да ги истражувам деталите на тоа општество и неговите жители - така што моите фотографии пресликуваат подлабоко разбирање на културата. Доброто познавање на некое место помага и на многу други начини, како на пример, каде да престојувате и како да се снаоѓате во секојдневните работи. Благодарение на моите чести посети на Куба го подобрив моето познавање на шпанскиот јазик, и тоа толку многу што Кубанците не веруваат дека сум Французинка!“

Влијанието на црно-белите фотографии на Christina Garcia Rodero може да се види во првиот професионално успешен проект на Sarah, кој исто така бил изработен во црно-бела техника. Ја прашавме за креативниот процес зад еднобојното фотографирање или фотографирањето во боја и уметноста на доловување на емоциите...

„Причината поради која се одлучив да го снимам мојот прв фотографски документарен проект - фотографиите од кубански имигранти на сплав - во црно-бела техника повеќе беше практична отколку креативна. Тогаш немаше дигитални фотоапарати и работев со филм, така што морав сама да ги развивам и да ги печатам негативите, така што беше многу полесно да ги изработам во црно-бела техника. Кога се работи за личен проект, избирам да снимам црно-бели фотографии или фотографии во боја, во зависност од тоа што сакам да го доловам во моите фотографии. Не можам конкретно да посочам што е тоа - се чини дека тоа е интуитивна реакција на темата која ја обработувам. На пример, продолжив да фотографирам црно-бели фотографии со кои ја обработував имиграцијата, тема на која работев многу години. Секако, ако имам задача за некое списание, ги прашувам што сакаат и фотографирам соодветно на тоа.“

„Што се однесува на тоа како ги доловувам емоциите - искрено, не знам. Едноставно поминувам време со луѓето во нивната средина и сметам дека тоа ми овозможува да ја развијам поврзаноста која ми е потребна. Секако, светлината игра многу важна улога во сето тоа, така што мора да бидете многу трпеливи, бидејќи чекањето на вистинскиот момент може да трае навистина долго.“

„Но понекогаш, особено за време на задачите, ако немате добро осветлување, на пример ако врне цело време, мора да ја трансформирате непријатноста во нешто интересно. Во тоа се состои вистинскиот предизвик. Освен тоа, кога работите како фоторепортер, мора брзо да се прилагодувате на минливите ситуации во кои може да учествуваат и многу други фактори, покрај осветлувањето.“

Последниот ангажман на Sarah беше модно фотографирање во Куба, што навидум е далеку од стилот на документарни фотографии кои ги фотографирала на места како Палестина или Авганистан, но за Sarah, разликите се помали од она што луѓето го претпоставуваат.

„Досега сум фотографирала модни настани во Пакистан и во Куба, каде што тие се симбол на нивните соништа за промена. Дизајнерите од двете земји ја користат својата креативност за да изразат суптилна политичка порака, така што од таа гледна точка, сметам дека нема голема разлика од фотографирањето репортажи во конфликтните зони. Во двете ситуации, добрите фотографии треба да пренесуваат информации, како и на одредено ниво емотивно да допрат до гледачот. Токму тоа се обидувам да го постигнам во моите фоторепортажи и во моите модни фотографии.“

На улиците

Освен што сними прекрасни фотографии од она што се случува зад сцената на модното фотографирање со помош на фотоапаратот EOS M5, Sarah го изнесе фотоапаратот и на улиците на Хавана. Ја прашавме кои се одликите на добриот уличен фотограф и за фотоапаратот кој би требало да го користи.

„За овој проект, сакав да се ставам во улога на патник во потрага по прекрасни и изненадувачки слики. Мислам дека за овој вид улично фотографирање, треба внимателно да набљудувате за да ги забележите интересните и уникатни улични сцени, мора брзо да реагирате и мора да можете брзо да го составите кадарот и да ја снимите фотографијата. Најчесто добивате само една шанса! Не треба ни да ги вознемирувате луѓето кои ги извршуваат секојдневните обврски. Значи, алатката што ви е потребна мора да биде мала, дискретна и брза - токму каков што е фотоапаратот EOS M5. Освен тоа, тој ја нуди дополнителната предност за снимање висококвалитетни RAW датотеки кои можете да ги користите за професионални потреби.“

„Ми беше задоволство да работам со EOS M5. Долго чекав Canon да создаде ваков фотоапарат - лесен, мал, брз, но во исто време моќен. Огромната разновидност на EOS M5 е голема предност. Го користев во различни ситуации, од модни снимања, репортажи, улично фотографирање, до архитектура и пејзажи, во различни услови на осветлување, а тој испорача одлични резултати. Дури успеав и да го искористам за да создадам фотографии во стилот на сликарите-импресионисти за ноќната сцена на морето. Сѐ на сѐ, со EOS M5 развивме прекрасно пријателство!“