Father piggybacks son through field

Како да ја користите природната светлина

Без разлика дали фотографирате портрети во надворешни услови, се обидувате да ја доловите дневната атмосфера на градот или чувството што го предизвикува прекрасната летна вечер, користењето на природната светлина може да ви помогне да направите неверојатни слики. Ако знаете како да го користите осветлувањето во ваша полза, вашите фотографии ќе бидат значително подобри. Исто така, нема да треба ни да инвестирате во нова опрема за да добиете подобри резултати.

Користење на периодот од денот во ваша полза

Природната светлина се менува во зависност од периодот од денот и временските услови. Затоа, пред да отидете да фотографирате, нека ви стане навика да размислувате однапред. Сепак, нема потреба да станувате рано за да фотографирате градска река на изгрејсонце ако можете да добиете многу подобра слика на зајдисонце.

Кога денот е сончев и небото е бистро, светлината може да има релативно топол тон во утрото, да биде поостра кон средината на денот, а помека кон доаѓањето на вечерта. Затоа, ако имате време, излезете и фотографирајте ја истата сцена во различни периоди од денот и споредете ја светлината во вашите фотографии за да ја пронајдете онаа што најмногу ви се допаѓа.

Избегнувајте ја директната сончева светлина за портретирање

Директната сончева светлина во средината на денот може да создаде остри сенки кои може да не им одговараат на луѓето во вашите портрети. Затоа, обидете се да правите портрети од луѓето во сенка кога деновите се многу светли, или, пак, почекајте да дојде попладнето кога сонцето испушта светлина со потопли тонови. На пример, ако стоите зад некоја зграда или под некое дрво, значително ќе ја намалите острата светлина и ќе добиете подобри резултати. Можете и да го користите блицот кога има дневна светлина за да ги балансирате ефектите од сончевата светлина.

Извлечете максимум од златните часови

Часот пред изгрејсонцето и часот по зајдисонцето, често нарекувани волшебни или златни часови, се омилени кај професионалните фотографи поради тоа што ја нудат најдобрата светлина во текот на денот. Бидејќи сонцето е пониско на небото, хоризонталната светлина фрла долги сенки и ги опсипува објектите со топол сјај. Тоа е одлично за градски портрети, доловување на убавината на природата или рефлектирањата на водата.

Контролирање на балансот на белата боја на вашиот фотоапарат

Понекогаш светлината изгледа топло и златно. Понекогаш изгледа ладно и сино. Иако вашите очи природно се прилагодуваат за боите да изгледаат исто во различно осветлување, фотоапаратите за таа намена имаат поставка наречена баланс на белата боја. Тој го прилагодува начинот на кој вашиот фотоапарат ја гледа светлината и ви овозможува да ги контролирате тоновите на светлината во која работите. Можете да го поставите за светлина која е премногу ладна или премногу топла.

Постојат седум стандардни поставки за баланс на белата боја на повеќето DSLR фотоапарати, фотоапарати без огледало и напредни компактни фотоапарати од Canon. Автоматскиот баланс на белата боја е зададената вредност за наједноставните услови на осветлување. Изберете го режимот за дневна светлина ако фотографирате во силна сончева светлина или изберете го режимот за облачно или магличаво време или засенчени области. Режимите за вештачко или флуоресцентно светло може да помогнат да ги балансирате боите доколку снимате во затворен простор.

Најдобриот начин е да снимите неколку фотографии со различни поставки за баланс на белата боја за да видите кои изгледаат најдобро. На овој начин можете да бидете сигурни дека не ги губите карактеристиките на боите што всушност ги барате.

Направете сопствен рефлектор за да ја одбивате природната светлина

Рефлекторите се едноставен начин да ја собирате природната светлина и да ја насочите кон објектот. Не морате да купувате рефлектор од професионална продавница за фотографи. Најчесто е доволна голема плоча со бела, сребрена или златна боја или фолија прицврстена на картонска плоча за да го постигнете саканиот ефект.

Бидете храбри и експериментирајте

Експериментирањето со природната светлина ќе ви помогне да научите како таа функционира, какво светло најмногу ви одговара и како тоа изгледа во фотографиите. За да научите да ја гледате светлината и како да ја доловите може да ви биде потребно подолго време – затоа обидете се да го направите процесот интересен. Излезете и фотографирајте невообичаени објекти во невообичаени услови на осветлување и обидете се да го извлечете максимумот од временските услови, годишните времиња и различните периоди од денот.