Кејптаун се обидува да ја надмине расната поделба со рап и поезија
Од Joe Penney
Градот Кејптаун е опкружен со океан и поделен на половина со голата карпа Table Mountain, а неговата неверојатна природна убавина крие стотици години ропство и расна обесправеност.
Сега една генерација на уметници, музичари, поети и режисери се обидуваат да го надминат ова минато, а во Јужна Африка која има 11 официјални јазици не е важно само што имаат да кажат, туку и како ќе го кажат тоа.
Quintin Goliath, чие актерско име е Jitsvinger, е рапер со мешано етничко потекло од Кејптаун. Тој настапува на јазикот африканс што го говорат 7 милиони луѓе во Јужна Африка, а потекнува од холандскиот јазик и има примеси на малајски, португалски, англиски, коса, кинески и кои (претходно познат како нама).
Goliath, кој рапува за теми како политика, идентитет и љубов, изјави дека јазикот африканс станува многу популарен, особено кај младите.
„Африканс стана пофлексибилен во изминатата декада и половина“, изјави тој. Во областа Kimberley се говорат до шест различни јазици во една реченица, додаде тој.
„Како резултат на тоа, мојот мајчин јазик може да допре до пошироката колективна свест и токму тука ја гледам иднината за африканс: вклучување и прифаќање на туѓите изрази“.
Иако некои гледаат добра иднина за африканс, неговото минато е многу лошо. Африканс почнал да се развива во регионот Кејптаун помеѓу робовите од Западна Африка, домородните племиња Khoi и San и Индонезија кои го прифатиле холандскиот јазик што го говореле сопствениците на робови и колонијалните жители и го споиле во еден јазик.
Денес само приближно 40 проценти од тие што говорат африканс во домот припаѓаат на белата раса од Јужна Африка, според South Africa Race Relations Institute.
„Многумина сè уште ги сметаат „белите“ говорители на африканс како убави и чисти, но нивната верзија е негативна односно дека се пониска класа што ја отсликува внатрешната самоомраза што не е искоренета уште од ропството, колонијализмот и јужноафриканската политика за расна дискриминација“, изјави Goliath.
„Потребен е многу напор за поправка во поширокото општество на африкансите", изјави тој.
Поетот Jethro Louw од Кејптаун, исто така, настапува на африканс. Тој е потомец на домородните косански и мозамбички робови и раскажува домородни приказни и митови за Кејптаун во својата поезија. Тој свири на музички лак кој традиционално се користи за поезија, музика и комуникација.
„Се обидувам да ја популаризирам културата на првата нација и нејзините симболи како што е лакот во јавноста“, изјави тој.
По зулу, коса и африканс, англискиот јазик е четвртиот најговорен јазик во Јужна Африка, но неговата улога во јавниот живот е многу повлијателна.
Bheki Pilot Biller е 24-годишен студент за кинематографија кој потекнува од Limpopo и говори зулу и англиски, но претпочита да говори на англиски додека работи бидејќи неговата работа е поврзана со проблеми во општеството.
Pilot вели дека Кејпатун сè уште е расно поделен и дека бил дискриминиран на работа бидејќи не знаел да говори африканс.
„Не можам да замислам дека за да добиеш работа треба да имаш определена боја на кожата. Постојат некои работни места за кои се нагласува дека мора да знаеш да читаш и пишуваш африканс. Каква работа е тоа?“
Изгледа дека постојат гласови кои бараат пообединета Јужна Африка во секоја заедница во Кејптаун: неодамна, на еден концерт, познатиот рокер Jeremy De Tolly, кој е бел, говори англиски и потекнува од Кејптаун, кажа дека белата популација во државата треба да го сподели нејзиното богатство со нивните јужноафрикански пријатели.