T1 header

Снимање на градските сурфери на Минхен со Tom Rijpert и Serge Teulon

„Во еден момент сте во центарот на градот, а во другиот веќе сте во сурферска заедница“. - Tom Rijpert, режисер на интерактивниот филм

Се наоѓаме на брегот на реката Ајсбах во Минхен со режисерот на интерактивниот филм Tom Rijpert и неговиот директор на фотографија (DOP) Serge Teulon. Сонцето е изгреано и е изненадувачки топло за април, иако температурата на водата изнесува ладни 4ºC. Дојде последниот ден од снимањето на City Surfers и додека цела армија техничари се подготвуваат за доаѓањето на нашите сурфери, одвојуваме пет минути да поразговараме со Tom и Serge за нивното искуство, а особено за EOS C300 Mark II.

Tom почнува:

„Кога првпат бевме известени за работава, сите многу се заинтересиравме бидејќи голем дел од неа за нас е новост. Навистина сакаме да користиме нови технологии за да создадеме нов вид на доживувања за корисниците.“

Но, за Tom, технологијата е само средство за остварување на целта. Тој сака да ве смести во моментот на случувањето до точка кога технологијата преминува во втор план и сѐ што останува е вистинска човечка приказна.

„Од перспектива на приказната, оваа заедница на сурфери е навистина интересна супкултура која може да им ја понудиме на гледачите, а воедно таа е и нешто на што може да наидете зад следниот агол. Во суштина се работи за нормални луѓе кои прават неверојатни нешта, што претставува одлична можност за фотографирање, или, во нашиов случај, за симулација на фотографирање“.

Реката Ајсбах е отворено студио за снимање со над сто сурфери кои секојдневно сурфаат на бранот. Што се однесува на луѓето кои ги снимал, Tom вели дека не можел да посака подобри луѓе од Tao, Karina и Alex.

„Тие навистина ни помогнаа да навлеземе во сурферската заедница. Се работи за тесно поврзана заедница и обично тие не ги сакаат комерцијалните снимања бидејќи на тој начин нешто постојано се случува околу нивната река, а тие токму така ја гледаат, како нивна река.“

На Serge исто така му се допаднал потенцијалот на нашата локација за City Surfers:

„Фактот дека се наоѓа во град значи дека гледате згради околу вас, гледате автомобили во заднината на кадарот, но исто така имате и агол кој многу интимно ги прикажува сурферите. Успеавме да го поставиме фотоапаратот пред сурферот речиси на ниво на водата и мислам дека тоа навистина ни овозможува чувство дека сме на бранот заедно со сурферот“.

За Serge, вистинскиот предизвик бил осветлувањето на реката Ајсбах:

„Кога снимате, секогаш мора да го создадете опкружувањето, така што мора и да го осветлите. Не можете да сметате само на природното осветлување од градските светилки, секогаш мора да го промените осветлувањето. Вложивме многу напор за да не создадеме премногу различно опкружување, бидејќи не сакавме луѓето да си помислат дека тие никогаш не би можеле да снимат таква фотографија. Не сакавме да добиеме премногу вештачки или премногу осветлен изглед, затоа наша работа беше да се обидеме да направиме сѐ да изгледа реалистично. За да го постигнеме тоа, ја прилагодивме бојата на нашето осветлување со онаа на уличното осветлување на мостот. Заднинско осветлување практично е месечевата светлост. Користев 2 светилки во балони со хелиум, едно вештачко светло од предната страна, на врвот на мостот и едно од задната страна, балансирано за дневна светлина. Потоа поставивме четири градежнички светилки на скеле покрај мостот, а освен тоа, поставивме и четири 10k рефлектори врз мостот, како и два 5k рефлектори на бреговите на реката, насочени кон сурферите“.

Некои сниматели сакаат да ги користат своите камери до крајните граници. Режисерите на интерактивниот филм, Tom и Serge, отидоа чекор понатаму и измислија сосема нови, прилагодени додатоци за EOS C300 Mark II за да внесат живот во оваа визија за минхенските градски сурфери. Целото интерактивно искуство комбинира толку многу различни и нови техники на снимање, што било потребно многу тестирање, како што ни кажува Serge:

„Затоа, преку снимање со различни додатоци и од различни агли, навистина опширно ја проучивме локацијата. Снимивме голем број фотографии од различни страни на бранот, од центарот, од напред, од назад, правевме сѐ што можеше да ни овозможи малку поинаков агол, а притоа се придржувавме до креативната визија на Tom“.

Tom почнува да ни објаснува чекор по чекор како користеле цела палета на фотоапарати од Canon за да ги создадат прилагодените додатоци кои се клучни за целото искуство. Почнува со додатокот за снимање во 180º:

„За снимање во 180º, предизвикот е што во кадарот влегува голема површина, мислам на осветлувањето, екипата, гледачите и воопшто нешта што вообичаено не би сакале да се појават во кадарот. Се работи за целосно поинаков начин на размислување и обликување на кадрите“.

Serge додава:

„На почетокот се обидовме да користиме две камери EOS C300 Mark II со објективи со исклучително широк агол, а потоа се обидовме со една камера и ефект на рибино око. Откривме дека камерата со ефект на рибино око ни овозможи автентичност. Тоа ни овозможи да користиме стандардна опрема за да ја приближиме камерата до водата, а таа сепак да биде заштитена во ситуациите кога бевме во непосредна близина на водата. Уште поважно, во креативна смисла, тоа ни овозможи навистина уникатен изглед, кој мислам дека претставува голема вредност за филмот“.

Беше направен и додаток за зумирање со три камери EOS C300 Mark II за да се демонстрираат придобивките од оптичкиот зум наспроти дигиталниот зум кој почетниците во фотографирањето можеби го користат на своите паметни телефони. Tom објаснува:

„За додатокот за зумирање големиот предизвик беше што сакавме сите три камери да ја имаат истата гледна точка. Тоа подразбираше работа со додатоци со огледала кои обично се користат за снимање во 3D. Секој од фотоапаратите исто така мора да раскажува различна приказна. Во нашата снимка одблиску го имаме нашиот сурфер, ако избереме малку поширок агол, снимката може да биде за сурферот и околните гледачи или, ако одите онолку широко колку што отидовме ние, мислам околу 28mm, тоа станува приказна за самата сурферска заедница во центарот на градот. За нас како сниматели, мислам дека тоа е интересен начин на гледање. Навистина е забавно кога ќе сфатите каква разлика може да направи изборот на објектив и како со друг објектив можете да раскажете различна приказна од истата перспектива“.

На крајот, го создале додатокот за снимање динамични движења:

„На крајот, тука е и додатокот за снимање динамични движења, кој е навистина забавен бидејќи постојат многу камери за широка потрошувачка кои овозможуваат да снимите видеозапис и потоа да извадите фотографии од видеозаписот, но ние сакавме да го покажеме квалитетот на фотографиите, во случајов особено фотографиите на Canon, кои не можете да ги добиете од видеозапис“.

Освен технологијата, она што навистина ни овозможи да уживаме во ова неверојатно доживување беше изведбата на нашите сурфери. Tom е очигледно импресиониран од нив:

„Alex и се навистина фини луѓе и одлични сурфери, а Tao, тој е фантастичен. Еднаш на шега му реков да се приближи малку повеќе до нас со штицата со која буквално одеше против моќниот бран и тој токму тоа и го направи, се приближи до нас. Неверојатно е што сѐ може да направи и да има целосна контрола врз својата штица и врз самата река. Едно по друго снимање, тој едноставно испорачуваше сѐ што беше потребно, си ја работеше работата, имаше совршен тајминг со нашиот кран, навистина неверојатно и многу импресивно за гледање“.

Динамични случувања со EOS

Кога станува збор за EOS C300 Mark II, Serge се почувствувал како да облекува чевли од познат модел, иако овој пат нови и блескави.

„C300 Mark II е камера која ми е многу позната. Canon, според мене, одлично постапи во овој аспект бидејќи не ја промени големината или тежината на куќиштето. Не е променет ниту распоредот на копчињата на камерата, со што таа им останува позната на сите оние кои ги користеле претходните верзии“.

Иако има голем број нови функции кои вреди да се истакнат, Serge ги издвојува следниве точки:

„C300 Mark II самостојно снима во 4k, што е голема работа – знаете дека постојат многу камери на кои им е потребна дополнителна опрема за да снимаат во 4k. Внатрешниот систем на менито исто така е подобрен и неговото користење сега е многу потечно. Не мора да прелистувате неколку страници за да стигнете до опцијата што ви е потребна“.

Кога се работи за специфичните потреби на снимањето за City Surfers, EOS C300 Mark II се прикажа во вистинското светло:

„Открив дека C300 Mark II е навистина одлична камера за снимање во слаба осветленост. Таа одлично се справува со темнината. Исто така има и одличен динамички опсег за дневна светлина и за ситуации како онаа на реката каде што имавме многу светли одблесоци од сонцето и од нашето осветлување кое се рефлектираше во водата. Ги осветлувавме сурферите со многу светлина во заднината за да ги истакнеме; камерата без никакви проблеми се справуваше со темнината во заднината и со осветлувањето на сурферите.“

Еден од најновите додатоци на оваа камера е функцијата Dual Pixel CMOS AF, која Serge имал прилика да ја испроба:

„Имав можност да го испробам автоматскиот фокус на C300 Mark II додека бевме во фазата на тестирање, но и помеѓу снимањата. Навистина бев импресиониран. Ако ме прашувате мене, нејзиниот автоматски фокус е на исто рамниште со оној на фотоапаратите“.

EOS C300 Mark II му помогнал на тимот да отиде чекор напред во поглед на пост-обработката; како што објаснува Serge:

„Ја користевме Canon Log 2, која е извонредна поставка за гама. Таа ни овозможи да го извлечеме максимумот од камерата и притоа да бидеме сигурни дека ќе добиеме одлична снимка и ќе можеме да вратиме сѐ во својата првобитна состојба во фазата на пост-обработка“.

Tom одлично резимира:

„Во белите и во црните делови на сликата има многу информации. Во поглед на боите, во пост-обработката има голем избор на опции, што е многу важно кога снимате филм, особено кога се работи за комерцијален, професионален филм со висок квалитет. Мислам дека за нас оваа камера беше совршена.“

Разгледајте го нашето интерактивно доживување City Surfer тука.