„Музиката е љубовта, а фотографијата е алатката,“ вели холандскиот фотограф на музички настани Bart Heemskerk. Тој работи на големи фестивали и концерти низ Европа, фотографирајќи големи имиња како Nick Cave, Lana Del Rey и Dua Lipa - улога што доведе до извонредната покана да ги фотографира Rolling Stones.
Ова лето, тој ќе посети околу 40 фестивали за да ги фотографира, воден од својата страст за музиката. Овде тој ја раскажува својата инспиративна приказна, збогатена со совети што и самите може да ги пробате со компактен фотоапарат на настаните под отворено небо ова лето.
„Како дете, секогаш слушав радио и ги снимав музичките топ-листи. Подоцна, одев на свирки со татко ми и се вљубив во фестивалската сцена кога присуствував на Pinkpop Festival во Холандија на 15-годишна возраст,“ вели 33-годишниот фотограф.
Неколку години по неговото прво фестивалско доживување, Bart доби можност да позајми Canon EOS 400D (порана верзија на Canon EOS 800D). Брзо согледа дека кога имате фотоапарат, можете уште повеќе да уживате во фестивалите - да ја доловите забавата покрај сцената, како и да снимите креативни фотографии од најдобрите настапи во живо во светот.
Откако се посвети на градење на неговото портфолио преку волонтерско фотографирање на музичките настани, престана да работи како наставник и се определи да ја продолжи кариерата како фотограф: „Десет години по посетата на мојот прв фестивал, се вратив на Pinkpop, каде што бев ангажиран да го фотографирам холандскиот бенд Kensington, со кого се запознав откако му понудив бесплатно фотографирање во замена за пристап до повеќе негови свирки,“ вели Bart. Следната година, доби повик што никогаш не го очекувал - од меѓународните рок-легенди Rolling Stones, кои го поканиле да ги фотографира.
„Rolling Stones правеа турнеја во 2014 година и ме пронашле на интернет, каде што барале фотографи што работат во Холандија. Потоа го контактирале фестивалот Pinkpop и побарале повеќе информации. Тоа беше неверојатен момент!“
Бендот го поканил да ја фотографира нивната европска турнеја и му овозможил пристап зад сцената со некои од најпознатите музичари во светот. „Турнејата со Stones беше како фамилијарен собир,“ вели Bart. „Се шегувавме. Keith [Richards] беше најзабавен за соработка. Навистина беше смешен. Ги снимав средбите со обожавателите и агентите и добив пропусница со целосен пристап со која можев да одам каде сакам - зад сцената, пред сцената. Бев дел од екипата и вечерав заедно со сите други, одев на пробите, итн.“
Bart остана во контакт со Rolling Stones и потоа, па дури и повторно им се придружи на турнеја во 2017 година.