Фотографот за фина уметност Chris Ward честопати се навраќа на истата сцена - како што е дрвово, јужно од Линколн, Англија - за да ги долови ефектите од облиците на небото и посевите насадени по полето во сликата. „Тука имало чисто небо и стрниште од неодамнешната жетва“ - вели тој. Chris направи преголема експозиција на небото и полето за да добие појасна композиција. „Негативниот простор помага да се изолира дрвото, а живата ограда дава силна линија на хоризонтот за да ги раздвои небото и полето“. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 24-105mm F4L IS USM од Canon со избрани 105 mm, 1/330 сек., f/11 и ISO100. © Chris Ward
Перцепцијата за бои е силно поврзана со емоцијата. Во психологијата постојат теории за тоа колку различно влијаат боите врз нас. Зависи од културата, но зелената или сината се смета дека смируваат, додека црвената или портокаловата, очигледно, нѐ огладнуваат! Овие идеи го одредуваат нашиот избор на облека, начинот на којшто ги украсуваме своите домови и, кога станува збор за фотографијата, сликите што ги снимаме.
Но, сите луѓе не ги перципираат боите на ист начин. Фотографот за фина уметност Chris Ward од Обединетото Кралство е роден со состојба наречена деутеранопија, што значи дека има потешкотии да гледа нијанси на зелена боја. Тој сфатил дека неговиот вид е доста поприлагоден на препознавање префинети детали, суптилен контраст и разновидна текстура отколку кај другите луѓе - што му оди во прилог како специјалист за монохроматски слики.