ФОТОГРАФИРАЊЕ ДИВИ ЖИВОТНИ

Животот по освојување на наградата Young Wildlife Photographer of the Year

Дали фотографирате само за забава или сакате фотографирањето да ви биде кариера? Marc Albiac и Michel d'Oultremont ги откриваат скриените тајни за нивниот успех, раскажувајќи за нивната авантура од млади фотографи со хоби па сè до амбасадори на Canon.
Леопард кој одмара во сенка.

Marc Albiac започнал да ја истражува уметноста на фотографирањето во своите тинејџерски години и заедно со својот татко со часови го гледале веб-сајтот каде што водечки шпански фотографи за диви животни говореле за техниките што ги користеле додека фотографирале. Се присетува како Mario Cea објаснувал за создавањето двојна експозиција од був осветлен со месечева светлина со само една слика. По само неколку години Marc ги изложил своите дела на голем саем за фотографија, заедно со Mario. Сега Marc е амбасадор на Canon и има добиено многу признанија, вклучувајќи ја и престижната награда Young Wildlife Photographer of the Year што ја освоил на возраст од 14 години.

Тука, заедно со неговиот колега и амбасадор Michel d'Oultremont кој живее и работи во Белгија и двапати ја има освоено наградата Wildlife Photographer of the Year Rising Star Portfolio, ќе ни раскажат како овој натпревар им помогна да ги започнат своите кариери, а ќе споделат и неколку совети за младите фотографи за природа кои сакаат да го следат нивниот пример.

Портрет од Marc Albiac, амбасадор на Canon, кој носи фотоапарат на кој е прикачен голем телефото објектив.

Marc Albiac, амбасадор на Canon, често користи додатоци за продолжување за објективите за да може да ја фотографира природата одблиску, а притоа ги доловува деталите од далечина, без да го вознемири неговиот субјект.

Портрет од Michel d'Oultremont, амбасадор на Canon, кој стои на снег.

„Најважно е да ги почитувате дивите животни што ги фотографирате. Тоа е неопходно. Живеењето во контакт со дивите животни е фантастично, но мора да ги почитувате“ - вели Michel d'Oultremont, амбасадор на Canon.

Што почувствувавте прво - љубов кон дивите животни или љубов кон фотографијата?

Marc Albiac: родителите ме носеа на планина уште пред да можам да одам. Татко ми сакаше да ги фотографира пејзажите и животните таму. Кога имав седум години, тој купи подобра опрема за фотографирање и јас го наследив неговиот фотоапарат EOS 30D од Canon (сега е заменет со новиот EOS 90D од Canon). Прво почувствував љубов кон животните. Фотоапаратот беше алатка што ми овозможи да се враќам дома заедно со дивите животни.

Michel d'Oultremont: дефинитивно љубовта кон дивите животни. Започнав со интензивно фотографирање птици во период од три години. Фотографијата е само медиум што ми овозможува да ги овековечам моите средби со диви животни. Можев да почнам со изработка на скулптури или цртање, но немам талент за тоа. Првите слики ги снимив во мочуриште. Лежев во кал и чекав да дојдат водните птици. Сликите беа обични, но враќањето дома со тие моменти беше неверојатно. Мочуриштето се наоѓаше на помалку од еден километар од мојата куќа, па одењето дотаму беше многу практично. Започнав да фотографирам со EOS 400D од Canon (сега е заменет со новиот EOS 850D од Canon) и објектив EF 300mm f/4L USM што беше стар 20 години (сега е заменет со новиот EF 300mm f/4L IS USM од Canon).

Богомолка (conehead mantis) стои косо на бодликаво стебло на некое растение.

Marc Albiac, амбасадор на Canon, имал само 14 години кога ја снимил оваа слика од брзата богомолка (Empusa pennata). Со неа ја освои наградата Young Wildlife Photographer of the Year во категоријата 11-14. Mark ја фотографирал богомолката - која може да се камуфлира - наспроти бела хартија во заднина за да може да ја долови нејзината извонредна форма. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon (сега е заменет со новиот EOS 5D Mark IV од Canon) и објектив EF 100mm f/2.8 Macro USM од Canon со избрани 1/100 сек., f/18 и ISO320. © Marc Albiac

Два елени со вкрстени рогови, гледани низ дефокусирани лисја во темнина.

Michel d'Oultremont, амбасадор на Canon, чекал четири години за да ја сними оваа слика од борба на елени во регионот Ардени во Белгија. „Секоја година одев на истото место и се надевав дека ќе го доживеам овој неверојатен момент“ - вели тој. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon, објектив EF 400mm f/2.8L IS II USM од Canon и додаток за продолжување од 2x EF III од Canon со избрани 800 mm, 1/400 сек., f/8 и ISO400. © Michel d'Oultremont

И двајцата добивте признание на рана возраст со наградите Young Wildlife Photographer of the Year. Што мислите дека направивте што доведе до таков успех?

Michel: во сите натпревари треба среќа. Среќа за да бидете избрани, но и за да освоите награда. Јас бев доволно среќен за да ја освојам оваа награда двапати. Чест ми е што ја освоив и драго ми е што начинот на кој ги гледам дивите животни им се допаѓа на жирито и публиката.

Marc: јас никогаш не фотографирав за да победам на натпревар, го правев тоа бидејќи сакав. Мислам дека тоа е тајната. Победничката слика ја снимив во градината на баба ми. Најдобрите фотографии ќе ги снимите таму каде што поминувате најмногу време. Ако работите блиску до домот, тогаш не треба да се оптоварувате за летање со авион за неколку дена. И ако не снимите слика што ќе ви се допадне на првиот ден, тогаш појдете повторно следниот ден.

Како се чувствувате кога победивте - сигурно бевте возбудени, но и малку изненадени?

Marc: јас сум многу срамежлив, дури и сега на возраст од 22 години, а тогаш имав 15 години и многу трема. Но, сонот ми се исполни. Пролетта ми испратија е-порака за да ме известат дека сум победил, а церемонијата се одржа дури на есен, што значи дека шест месеци не смеев да кажам никому.

Имав учествувано и на други натпревари, но не освоив награди. Една од најдобрите работи во фотографирањето е неговата субјективност. Една иста фотографија може да им се допадне на некои луѓе, а на некои да не им се допадне - истото важи и за натпреварите. Вашата фотографија мора им се допадне повеќе од другите фотографии на жирито, но тоа не значи дека таа фотографија е подобра или полоша од останатите.

Исто како и за фотографирањето диви животни, така и за натпреварите во фотографирање е потребна истрајност. Многу е важно да бидете истрајни кога фотографирате диви животни бидејќи во повеќето случаи животните не се појавуваат пред вас и се враќате дома без фотографии. Но, ако упорно се трудите и обидувате да ја снимите саканата фотографија, тогаш ќе имате многу повеќе можности за тоа отколку ако седите дома.

Michel: многу се изненадив. Кога бев млад фотограф им се восхитував на победниците на Wildlife Photographer of the Year. Многу сум задоволен и среќен што можам да кажам дека моите слики беа изгласани како едни од најдобрите во светот.

Истрајноста е најважна, мора постојано да се обидувате. Јас сум оптимист и многу тврдоглав, па затоа ако не видам животно во прекрасната светлина што сум ја замислил, повторно започнувам да се надевам дека ќе ја остварам средбата од моите сништа. Имаше една слика што три години ја праќав на различни натпревари и не беше избрана сè до 2014 година - сликата ми се допаѓаше многу и мислев дека има одличен потенцијал.

Дива мачка, гледа директно кон фотоапаратот, оди низ снежен пејзаж.

Michel лежеше во снегот и чекаше сè додека не се укажа совршен момент за снимање на оваа прекрасна фотографија од дива мачка во Белгиските Ардени. Снимено со EOS R5 од Canon и објектив EF 600mm f-4L IS II USM од Canon со избрани 1/250 сек., f/4,5 и ISO800. © Michel d'Oultremont

Млада ибериска мечка во зелено-жолти лисја од иглолисни дрва.

Marc беше на планина со чичко му и братучед му летото во 2020 година, кога ја забележал оваа дива ибериска мечка. „Отидов на планината за да ги видам ибериските рисови, но се појави оваа млада мечка. Ми се допадна тоа што го претставува таа - потполна слобода“ - вели тој. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon (сега е заменет со EOS-1D X Mark III од Canon), објектив EF 500mm f/4L IS USM од Canon и додаток за продолжување од 2x III од Canon со избрани 1000 mm, 1/320 сек., f/9 и ISO1600. © Marc Albiac

Како вашата победа ви помогна да ја започнете вашата кариера во фотографирање диви животни?

Marc: освојувањето на оваа награда и победата на натпреварот Youth category in the 2011 MontPhoto International Nature Photography ми овозможија да почнам соработка со Canon Spain, да одржувам работилници и говори на големи саеми за природата заедно со фотографи како Mario Cea. Сè уште не се сметам за професионален фотограф, иако сум. Моментално студирам на универзитет за биологија, нешто што сакам да го правам уште од петгодишна возраст.

Michel: благодарение на мојата прва победа во 2014 година, учествував со Contrat Agency и David Hayes во The Wait - краток документарен филм од 10 минути за моите дела што во иднина се прикажуваше на многу места. Натпреварот ми помогна и да се прочујам во пошироката јавност. Во 2015 година одлучив да почнам со професионално фотографирање диви животни. Започнав веднаш по студиите за фотографирање - почнав да студирам биологија на факултет, но се откажав брзо бидејќи повеќе сакав да бидам на терен, а фотографирањето ми го овозможи тоа. Си дадов три години за да успеам. Досега поминаа шест години.

Дали сметате дека создадовте свој стил за фотографирање диви животни?

Michel: фотографирав инстинктивно, без да се грижам какви резултати ќе добијам. Не ги изработувам сцените, туку ги фотографирам така како што изгледаат. Средбите со дивите животни ми овозможуваат да ги доловам моите чувства кога доаѓам во контакт со диво животно.

Marc: сè уште не забележувам препознатлив стил во моите фотографии. За секое животно пробувам различни стилови на слики, некои се подокументарни, а некои поуметнички, некои се црно-бели, некои во боја, некои се снимени одблиску, а некои го опфаќаат целото живеалиште на животното. Најмногу сум заинтересиран да фотографирам ’рбетници: цицачи, птици, влекачи, водоземци. Мора да знаете повеќе информации за нив, нивните живеалишта и каде може да ги пронајдете.

Слика одблиску од црвена лисица која гледа директно во фотоапаратот. Носот на животното е во фокус, а остатокот од нејзините карактеристики се малку заматени.

Michel понекогаш избира минималистички пристап за обликување на кадарот на своите фотографии, насочувајќи го погледот кон природната убавина на субјектите кои ги фотографира. „Кога бев во Јапонија, ми се приближи љубопитна црвена лисица. Одлучив да ѝ го фокусирам носот“ - вели тој за оваа прекрасна слика. Снимено со EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 600mm f-4L IS II USM од Canon со избрани 1/2500 сек., f/4 и ISO2500. © Michel d'Oultremont

Генет скока од камен на камен во темнина, со ѕвезди во заднина, снимени со двојна експозиција.

Оваа слика, поради која Marc стана финалист во категоријата 15-17 на Young Wildlife Photographer of the Year Awards 2015, е снимена со двојна експозиција. „Една експозиција за скоковите на генетот, осветлени со блиц, и втора експозиција за ѕвездите во заднината“ - објаснува тој. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon и објектив EF 17-40mm f/4L USM од Canon со избрани 40 mm, 15 сек., f/4 и ISO1600. © Marc Albiac

Дали сè уште учите нови работи и дали имате направено некакви грешки кога започнавте да фотографирате?

Marc: да. Сè уште правам грешки. На пример, ако видам животно што многу сакам да го фотографирам, ме фаќа трема и се обидувам да се доближам поблиску до него. Тоа понекогаш значи дека животното бега и јас не можам да ја снимам фотографијата.

Michel: би рекол чекањето животни. Потребно е многу знаење за дивите животни и многу трпение за да ги набљудувате без да ги вознемирите. Тоа го научив уште на рана возраст. Многу сум трпелив за сè, што значи дека не се нервирам лесно и секогаш размислувам оптимистички.

Семејство диви свињи преминуваат широк и добро осветлен пат во темнина, се чини дека минуваат по обележаниот пешачки премин.

Оваа ноќна слика од дива свиња со нејзините мали прасиња кои преминуваат преку патот му овозможи на Marc да стане финалист во категоријата 15-17 на Young Wildlife Photographer of the Year Awards 2017. Дивите свињи се широко распространети во Барселона, па затоа предизвикуваат проблеми во локалните екосистеми и честопати се дел од сообраќајните несреќи. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon и објектив EF 100mm f/2.8 Macro USM од Canon со избрани 1/25 сек., f/2,8 и ISO6400. © Marc Albiac

Мала птица со портокалови, бели и црни пердуви стои на трска што се витка многу поради нејзината тежина, во пејзаж исполнет со магла.

Michel употребил маска што лебди над вода за да ја долови оваа слика од мустаклеста сипка што стои на трска во средина на мочурлив терен. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon и објектив EF 500mm f/4L IS USM од Canon (сега е заменет со новиот EF 500mm f/4L IS II USM од Canon) со избрани 1/2000 сек., f/4,5 и ISO800. © Michel d'Oultremont

Со какви предизвици се соочуваат младите фотографи за диви животни кои сакаат да се докажат?

Michel: младите фотографи сакаат многу брзо да добијат многу допаѓања за нивните слики на социјалните медиуми. За мене, оваа трка мора да престане бидејќи токму желбата за повеќе ќе ве натера да направите нешто на теренот што ќе ги вознемири животните.

Marc: најтешкиот дел е да пронајдете некој кој ќе ве однесе на терен. Јас имав среќа што моите родители беа заинтересирани за планини и животни, но имам пријатели кои немаат такви можности. Ако живеете во голем град како Барселона, тогаш тешко може да видите различни животни.

Каков совет би им дале на аматерските фотографи кои сакаат да го следат вашиот пример?

Michel: учете, читајте и разберете ги животните пред да се обидете да ги фотографирате. Тоа е многу важно. Животните и опкружувањето треба да бидат мирни и невознемирени. Ако го исплашите животното при фотографирањето, фотографијата ќе изгледа лошо.

Marc: фотографирајте тоа што сакате, на начинот што го сакате. Ако сакате да фотографирате црно-бели слики, тогаш направете го тоа. Ако сакате да фотографирате со телефото објектив, тогаш направете го тоа. Не снимајте фотографии какви што мислите дека ќе ви се допаднат, туку фотографии што сакате да ги снимите.


Напишано од Rachel Segal Hamilton

Слични производи

  • DSLR-фотоапарати

    EOS 850D

    Преземете го следниот чекор во креативната контрола за да снимате фотографии со прекрасни детали и неверојатни 4K-видеоснимки со помош на лесен DSLR-фотоапарат со различни опции за поврзување што ќе ве инспирира и ќе го награди вашиот труд.
  • DSLR-фотоапарати

    EOS 5D Mark IV

    Без разлика што фотографирате, бидете сигурни дека ќе добиете беспрекорен квалитет на слика и моќни професионални перформанси.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R

    Фотоапарат без огледало за целосна слика кој отвора нови креативни можности за фотографите и снимателите.
  • DSLR-фотоапарати

    EOS 90D

    Максимално опремен DSLR-фотоапарат што овозможува доближување до целта, побрзо фотографирање и снимање извонредни слики со 32,5 мегапиксели.
  • Објективи RF

    RF 600mm F11 IS STM

    Револуционерен објектив со извонреден телефото опсег што е компактен, лесен и идеален за фотографирање диви животни, патувања и сафари или фотографирање возови.

Слични статии

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ДИВИ ЖИВОТНИ

    Совети за фотографирање диви животни

    Совети и техники со кои ќе го однесете фотографирањето диви животни на повисоко ниво и ќе извлечете максимум од вашиот фотоапарат и објективите од Canon.

  • ДИВИ ЖИВОТНИ

    Фотографирање птици со објективот RF 200-800mm F6.3-9 IS USM

    Професионален фотограф и ентузијаст се здружуваат за да го тестираат објективот RF 200-800mm F6.3-9 IS USM на терен.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ДИВИ ЖИВОТНИ

    Најдобри објективи за диви животни

    Снимајте прекрасни слики од диви животни и птици со овие примарни објективи и објективи со зум.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ДИВИ ЖИВОТНИ

    Диви животни при слаба осветленост

    Откријте го тајниот живот на животните со нашите најдобри совети за ноќно фотографирање.