Запишувањето на мислите во дневник може да биде инспиративно креативно ослободување, но и одличен начин за изразување на чувствата. Дури и 20 минути во денот поминати во пишување дневник можат да ви го подобрат расположението, особено бидејќи знаете дека пишувате само за себе. А знаете што е најдоброто? Секој може да пишува дневник. Нема правила, само хартијата пред вас којашто ве чека да ѝ раскажете како се чувствувате преку зборови, цртежи, колажи или преку печатење на вашите фотографии.
Писателката, илустраторка и авторка на дневници Kia Marie Hunt е креатор на серијата дневници со активности за деца „My Awesome Year“. Таа има и своја продавница за материјали на веб-страницата „Etsy“ каде што секој месец создава нови прибори за изработка на дневници за нејзината заедница на вљубеници во дневниците којашто секојдневно расте.
За Kia, ова е начин на креативно изразување којшто го користи целиот свој живот. „Мислев дека сум започнала да се занимавам со креативно пишување дневници за да ги зачувам сеќавањата од патувањата во Уругвај и Бразил“, вели таа. „Но неодамна пронајдов еден куп рачно направени дневници од детството. Очигледно е дека отсекогаш сум сакала да пишувам дневници, само требаше одново да ја откријам љубовта кон пишувањето.“
Пишувањето дневници е и добар начин да се запознаете себеси, вели Kia, којашто има 15.700 следбеници на нејзината страница на Instagram @kia.creates, а ја води и страницата @inspiringjournals. „Освен што е катарзична активност, пишувањето дневници ви дава и чувство на слобода бидејќи претставува простор за искрено изразување, без никакви очекувања и ограничувања. Учите за себе секогаш кога создавате“, вели таа.