Дешифрирање на технологијата на фотоапаратите: поставки за бои на видеозаписите

Краток водич за поставките за бои на видеозаписите со Canon фотоапаратите и за начинот на којшто ви овозможуваат поголема креативна контрола – почнувајќи од моментот на снимање до последната монтажа.
Опциите Colour Filters се бираат на задниот екран на Canon EOS R50 V.

Од избледени винтиџ нијанси што поттикнуваат чувство на носталгија, па сè до студени сини тонови што креираат спокојна атмосфера, бојата е моќно средство за раскажување приказни преку видеозапис. Без разлика дали снимате видеозаписи за социјалните мрежи, семеен домашен филм или легендарно видео за YouTube, може да користите бои за визуелно да пренесете одредена емоција, да влијаете врз чувствата на публиката и да го насочите нејзиното внимание кон важните детали.

Продуцентката на видеозаписи од патувања Џулија Гартнер ги користи осветленоста и боите за да го долови емотивниот тон на своите филмови. Нејзиниот краток документарен филм за спортист од Португалија што се занимава со паркур, којшто е снимен на Canon EOS R6 V, претставува добар пример. Динамичните движења на нејзиниот протагонист ја водат приказната напред, но токму нејзината промислена употреба на сините тонови од самракот ја нагласува подлабоката страна на животната приказна на Луис.

„Тие длабоки сини тонови се преполни со емоции, а јас обожавам да си играм со нив“, вели Џулија. „Особено кога имам чувство дека одредени делови од приказната се поинтимни. Може да ги користите тие потемни тонови за да креирате атмосфера и да додадете контраст на боите – на пример, со премин од темна сцена каде што доминираат сини тонови во самрак кон изгрејсонце.“

Canon фотоапаратите нудат повеќе начини за управување со боите и за давање препознатлив визуелен изглед на вашите снимки – од однапред поставените Picture Styles до датотеките Custom Picture, коишто ви овозможуваат да утврдите каков ќе биде конечниот изглед подоцна, при монтажата на филмот.

EOS R6 V и EOS R50 V се фотоапарати наменети за снимање видеозаписи. И двата фотоапарати имаат копче за брз пристап што ве носи директно до Colour Mode. На тој начин, сите главни алатки за боите ви се достапни на едно место: Picture Style, Custom Picture и опцијата Colour Filter, којашто нуди разни ефекти за изразување на креативниот стил.

Продуцентката Џулија Гартнер го држи Canon EOS R6 V под топла осветленост, а пејзажот во заднината е темен.

Покрај сцените со сини тонови за време на самракот, продуцентката Џулија Гартнер ги има снимено и топлите златни нијанси при изгрејсонце и зајдисонце. „Прекрасната жолтопортокалова светлина на некој начин делува многу носталгично“ вели таа. „Просто бев воодушевена од убавината на тие тонови.“

Слика одблиску од копчето Color на фотоапаратот Canon EOS R6 V.

Копчето COLOR на Canon EOS R6 V ви дава директен пристап до главните контроли за бои на фотоапаратот, вклучувајќи ги и опциите Picture Style и Colour Filter, без разлика дали правите видеозаписи или фотографии.

Што се Canon Picture Styles?

Можеби веќе сте слушнале за Picture Styles, коишто се применуваат и на фотографии и на видеозаписи. Станува збор за однапред поставени параметри што нудат различни комбинации на приспособливи карактеристики, како на пример, боја, контраст и острина. На пример, Portrait Picture style користи намалена острина за помеки тонови на кожата, а Landscape Picture Style е поостар, со поживописни сини и зелени тонови што ги надополнуваат сцените што се снимаат надвор.

Може да го приспособите секој параметар за да креирате попрепознатлив визуелен изглед или атмосфера или од почеток да креирате сопствен Picture Style. Освен ако не снимате RAW-видео, Picture Style се применува на вашите снимки во моментот кога ќе започнете со снимањето, исто како и балансот на белата боја и експозицијата. Затоа е важно да ја изберете соодветната поставка пред да започнете со снимање.

Што е Canon Custom Picture?

Датотеките Custom Picture применуваат комбинација од поставки како простор на бои, матрица на бои и look-датотеки (за кои ќе зборуваме подоцна). За разлика од поставките Picture Style и Colour Filter, коишто им даваат конкретен изглед на вашите снимки, за снимките направени со датотека Custom Picture обично е потребна постпродукциска обработка за да се направи финалното видео. Некои датотеки Custom Picture креираат снимки што може веднаш да се гледаат на самиот фотоапарат. На пример, Canon 709 не бара постпродукциска обработка, додека Canon Log 2 и Canon Log 3 бараат. Меѓутоа, Canon Log ви дава поголема контрола врз конечниот изглед во текот на монтажата.

EOS R50 V-Social-Colour-16x9-4K-PRORES-EM.mov

Што е Canon Log?

Canon Log прави снимки со мал контраст и пригушени бои за да се зачуваат повеќе детали во светлите и темните делови, за разлика од стандардните поставки за видеозаписи.

Не грижете се ако видеото што сте го снимиле со Canon Log ви изгледа монотоно и безживотно кога ќе го гледате – така и треба да биде. Вака не само што се олеснува корекцијата на боите за отстранување на несаканите нијанси и за постигнување природен изглед на снимките, туку и добивате можност да ги градирате боите на креативен начин.

Друга карактеристика што го прави Canon Log толку корисен е конзистентноста што ја нуди кога се комбинираат снимки направени со различни фотоапарати. Ви овозможува да почнете од слична основа и на ист начин да ги градирате снимките – што е особено корисно за креаторите на содржини што работат со повеќе фотоапарати, без разлика дали снимаат видеозаписи за YouTube, содржини за социјалните мрежи или работат на поголем проект.

Canon Log 2 наспроти Canon Log 3

Некои професионални продуценти претпочитаат да го користат Canon Log 2 бидејќи доловува поширок динамичен опсег и зачувува повеќе детали во сенките од Canon Log 3, иако за да се постигнат најдобри резултати може да биде потребно повеќе време за обработка. Canon Log 3 овозможува побрзо и полесно градирање, поради што е одличен избор за секојдневно фотографирање ако сепак барате флексибилност при монтажата.

Canon Log 3 е достапен на голем број фотоапарати со EOS R-систем , вклучувајќи ги и EOS R7, EOS R8 и EOS R50 V, а EOS R6 V и други избрани фотоапарати го нудат и Canon Log 2.

Што е View Assist?

Снимките со Canon Log ќе изгледаат монотоно и со мал контраст додека ги снимате. Активирањето на View Assist, којшто е достапен на компатибилни фотоапарати, овозможува поприроден приказ на снимките без да се менуваат оригиналните снимки во Log-форматот. Така добивате две во едно: покорисен приказ на екранот на фотоапаратот, којшто ви помага да ја утврдите експозицијата, боите и композицијата, а во исто време можете максимално да ги искористите дополнителните детали во сенките и флексибилноста на Log-датотеката при обработката на снимките.

Што е разликата помеѓу корекција на бои и градирање бои?

Корекцијата на боите се однесува на балансирање на снимките и овозможување нивен технички исправен изглед. Тоа е појдовна точка за понатамошни креативни корекции. На пример, може да отстраните сина или портокалова несакана нијанса од снимката, да постигнете природен изглед на тоновите на кожата и да ги коригирате проблемите со експозицијата или контрастот. Видеозапис со коригирани бои генерално треба да изгледа „нормално“.

Градирањето на боите е моментот кога станувате креативни и му вдахнувате живот на видеозаписот. Станува збор за давање специфичен изглед или стил на видеото – топол, носталгичен, остар или со висок контраст. Слично е на обработката на фотографии, при што бојата, контрастот и тоновите се менуваат во постпродукција за да се постигне одредена атмосфера. На пример, може да додадете филмско градирање на берија и портокалова боја преку поместување на сенките кон синозелените тонови и затоплување на светлите делови и тоновите на кожата, или, пак, да ја намалите заситеноста на видеото за драматичен ефект. Може да ги градирате боите рачно или да примените LUT за брзо да вметнете одреден изглед или атмосфера (нешто повеќе за LUT во продолжение).

Ако планирате да го градирате видеото, подобро е да започнете со RAW-видео или со навидум монотони Log-снимки, бидејќи и со двата формата се зачувуваат повеќе податоци за дополнителни приспособувања подоцна. Снимањето RAW-видео нуди најголема флексибилност и ви овозможува да ги приспособувате температурата на бојата, експозицијата и многу други параметри исто како да ги менувате на екранот на фотоапаратот. Недостатокот е што со RAW-видеото може брзо да се наполнат мемориските картички и потребна е поголема моќ за обработка со цел необработените податоци од сензорот да се претворат во датотека со видеозаписи што може да се гледа.

Монтажер седи пред два големи монитора и врши градирање на боите на видео со жена во урбана средина.

Со Canon Log и RAW-видеото се зачувуваат повеќе детали и динамичниот опсег за корекција и градирање на боите, при што полесно се постигнува посакуваниот изглед и се усогласуваат снимките од различни фотоапарати.

Што е LUT?

Canon EOS R6 V и неколку други фотоапарати EOS се компатибилни и со LUT-датотеки (Look-up Table), кои може да се вчитаат во фотоапаратот и да се регистрираат како look-датотеки во менито Custom Picture. Овие датотеки во суштина се однапред поставени градирања на боите што ви овозможуваат да креирате одреден визуелен изглед со леснотија без да треба посебно да ги приспособувате поставките за боите и контрастот. LUT-датотеките може да се применат и во напреден софтвер за монтажа со цел приказот што го гледате на фотоапаратот и финалното видео да бидат што е можно послични.

Ако сакате вашите содржини да имаат конзистентен визуелен изглед, обидете се да го користите истиот LUT во сите видеозаписи. На едноставен начин ќе развиете препознатлив визуелен стил, а во исто време ќе го забрзате процесот на монтажа.

Разгледајте ја LUT-библиотеката на Canon за да дознаете повеќе за LUT и да преземете различни креативни изгледи, вклучувајќи ги и Bleach Bypass, High Key и Faded Sepia.

Дури и ако не снимате RAW или Canon Log, технологијата за обработка на боите на Canon го олеснува усогласувањето на снимките направени со различни EOS фотоапарати. Canon објективите, сензорите за слика на фотоапаратите и процесорите DIGIC X работат заеднички со цел да се креираат конзистентни и богати, но природни бои, со топли и привлечни тонови на кожата, така што вашите снимки ќе изгледаат одлично дури и на самиот фотоапарат.

„Јас сум личност што сака да се изразува себеси преку бои“ вели Џулија Гартнер, која повеќето од своите проекти ги снима во Canon Log 2. „Тоа е една од главните причини зошто го обожавам Canon, бидејќи технологијата за обработка на боите навистина одговара на мојот стил на снимање филмови. Бојата е исклучително важен дел од мојот креативен израз.“

Без разлика дали претпочитате бои што изгледаат природно или постилизирани бои, ако знаете кога да ги користите креативните алатки како што се Picture Styles, Canon Log и LUT, ќе имате поголема контрола врз конечниот изглед на вашите видеозаписи. Меѓутоа, не станува збор за менување на изгледот на вашите снимки само заради промена. Станува збор за раскажување на вашата приказна на начин на кој сакате вие.

Како да ја изберете правилната поставка за боите

  • Инстантни резултати: Picture Style или Colour Filter
  • Минимална монтажа: Custom Picture или Canon Log 3
  • Напредно градирање: Canon Log 2 или RAW
  • Конзистентен визуелен бренд: користете го истиот LUT во сите видеозаписи

ЧПП за поставките за бои на Canon

  • Зависи од тоа дали сакате готови снимки или планирате да извршите градација на боите. Ако сакате видео со одличен изглед директно од фотоапаратот или треба брзо да ги испорачате снимките, тогаш стилот на слика или филтерот за бои се наједноставните опции. За понапредна градација, изберете Canon Log 2 или Canon Log 3.

  • Двата се дизајнирани за различни намени. Стиловите на слика се поедноставни за брза испорака, додека Canon Log нуди поголема флексибилност при уредувањето. Canon Log ви дава повеќе детали и динамички опсег, па затоа може да биде подобар избор за важни видеопроекти – под услов да сте подготвени за дополнителната работа што е потребна.

  • Canon Log 2 им дава приоритет на максималниот динамички опсег и флексибилноста при градација, со можност за извлекување повеќе детали во темните површини; со Canon Log 3 може полесно да се постави експозиција и побрзо да се изврши градација.

  • Најчесто да. Видеозаписите со Log намерно се снимаат со низок контраст и придушени бои. Примената на LUT во софтвер за уредување видео нуди брз начин да им дадете специфичен изглед и чувство на вашите снимки со Canon Log, што потоа може дополнително да се подобрат.

  • Да, но LUT-датотеката мора да биде наменета за профилот на бои или за снимката на која се применува.

  • Корекцијата на бои создава балансирана, конзистентна основа; градација на бои создава уметнички изглед. Корекцијата овозможува видеото да изгледа „нормално“, додека градацијата му дава карактер, атмосфера и стил.

Напишано од Marcus Hawkins

Слични статии

Декодирање на технологија за фотоапарати: резолуција на видео

Брз водич за тоа како избирањето на соодветната резолуција на видео може да ви даде поголема креативна флексибилност - пред, за време на и по снимањето.

Од видеоблог за животен стил до креирање содржини со професионален квалитет

Како ѕвездата на социјалните медиуми, Niamh Mackinnon, ги однесе снимките на нејзиниот видеоблог на ново ниво со EOS R50 V.

Совети за подобрување на вашите видеоснимки за социјалните медиуми

Четворица креатори дискутираат што значи тоа да се направи добра содржина и како да се истакнувате онлајн.

Најдобрите фотоапарати од Canon за креатори на содржини за социјални медиуми

Усовршете ги вашите содржини на социјални медиуми со нашите врвни опции за опрема, без оглед на тоа дали сте ѕвезда на TikTok во подем или инфлуенсер на Instagram.