ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

Најдобри совети за фотографирање пејзажи

Неопходни вештини за користење фотоапарати, техники за фотографирање и совети што ќе ви помогнат да снимате подобри пејзажи.
Canon Camera
Кога шетате може да наидете на најразлични и интересни места и прекрасни сцени. Но за да пронајдете места што заслужуваат да се фотографираат треба посветеност. Затоа, кога ќе пронајдете одлична локација, треба правилно да ја доловите. Во овој напис ќе ги разгледаме најчестите грешки при фотографирањето пејзажи и како може да ги поправите.

1. Обликување на кадарот на пејзажите: доловете детали во преден план

Пејзаж што прикажува големо дрво на кос рид.

И покрај тоа што оваа фотографија е совршено добар пејзаж, фотографирањето од понизок агол може да ја подобри сликата. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 24 mm, 1/100 сек., f/16 и ISO 160.

Пејзаж со големо дрво на кос рид, со смрзната трева во преден план.

Пониската положба на фотоапаратот ги нагласува замрзнатите стебла во предниот план на сликата, а притоа внесува интерес и длабочина во овој дел од кадарот. Снимено со EOS R6 од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 24 mm, 1/100 сек., f/16 и ISO 160.

Размислете како да ги разубавите далечните сцени со детали што се поблиску до вас. Често нарекувани како интерес во преден план, овие детали што се блиску до вас можат значително да ги разубават вашите композиции и да го насочат погледот низ сцената. Спротивно на тоа, здодевниот и празен простор во преден план едноставно зазема голем дел од кадарот.

Кога барате интерес во преден план, користете ја функцијата за прегледување во живо и експериментирајте со положбата на фотоапаратот за да пронајдете најдобра рамнотежа помеѓу деталите во преден план и заднината. Фотоапаратите со екран со променлив агол, како што е EOS RP од Canon, се практични за фотографирање од низок агол, што честопати е потребно при обликување кадри со карпи или растенија. Со додавање вакви предмети пред вашата сцена може да добиете балансирана композиција. Но, имајте предвид дека интересот во преден план не е потребен за сите пејзажи. Тој е практична опција за обликување на кадарот само кога има потреба од тоа.

2. Објективи за пејзажи: не треба секогаш да користите широкоаголен објектив

Пејзаж што прикажува зелени полиња разделени со низа дрва.

Тесниот агол на гледање ги нагласува силните бои на доцното попладне во далечната сцена. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 105mm, 1/8 сек., f/16 и ISO 100.

Широк пејзаж што прикажува зелени полиња разделени со низа дрва, прекриени со облак.

Спротивно на тоа, истиот пејзаж снимен со поширок приказ нуди помалку детали. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 24 mm, 1/8 сек., f/16 и ISO 100.

Широкоаголните објективи ви овозможуваат да доловите широки и прекрасни сцени, но не ви треба широко видно поле за секоја фотографија. Понекогаш зумирањето детали во далечината може да ви помогне да добиете многу поинтересни пејзажи. Стандардните објективи со зум, како што е објективот RF 24-105mm f/4-7.1 IS STM од Canon што е користен тука, имаат практичен фокусен опсег за почетниците кои снимаат пејзажи. Двете наши обележани слики се снимени со првата и последната вредност на опсегот од 24-105 mm, па ако штотуку почнувате со фотографирање пејзажи, овој објектив ќе биде идеален за вас. Кога ќе дојде време за надградба на опремата, тогаш објективите од серијата L, како што RF 24-70mm F2.8L IS USM од Canon, ќе ви понудат подобра заштита од лоши временски услови и побрза максимална решетка. Сепак, почетниците ќе можат да снимаат неверојатно детални сцени со стандарден објектив со зум.

3. Осветлување на пејзажите: изберете соодветен период во денот

Големо дрво на косо поле што се издига над ниските облаци.

Фотографирањето при директна сончева светлина често може да предизвика непријатни сенки и премногу контраст. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 MACRO IS STM од Canon со избрани 1/80 сек., f/16 и ISO 125.

Големо дрво на косо поле што се издига над ниските облаци, наспроти розово и виолетово зајдисонце.

Ако почекате помека светлина на почетокот или на крајот од денот, може да добиете поамбиентални резултати. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 MACRO IS STM од Canon со избрани 0,4 сек., f/16 и ISO 100.

Светлината со која фотографирате е креативен избор бидејќи таа создава амбиент што може да ги подобри вашите пејзажи. Класична грешка при фотографирањето сцени е да фотографирате при силна сончева светлина. Иако на овој начин може да ги истакнете нагласените бои, сепак добивате сцени со премногу голем контраст. Погледнете ја разликата помеѓу овие две слики. Првата е снимена при директна сончева светлина. Сцената е доловена, но во неа недостасува амбиент. Деталите во дрвото го одвлекуваат вниманието, во долниот дел на кадарот има непријатна сенка, а се гледа дури и сенка од фотографот поради невнимание. Се вративме подоцна на истата сцена тој ден, кога дрвото беше во сенка, а како резултат добивме сцена со помалку детали и повеќе амбиент. Сега небото има боја, дрвото создава забележителна силуета, а магливата сцена во далечина изгледа поубаво.

4. Внимавајте на нивелацијата: исправете го хоризонтот

Слика од дрво наспроти облачно небо во Digital Photo Professional од Canon.

Кривите хоризонти најдобро се коригираат во самиот фотоапарат со помош на мрежата или либелата, но лесно може да ги поправите и по снимањето со отсекување.

Слика од EOS RP од Canon поставен на статив, прикажува мрежа и електронска либела на екранот што се врти.

Освен тоа што може да ги користите линиите за третини за да го нивелирате хоризонтот, може да ја користите и либелата што ја прикажуваат многу фотоапарати како EOS RP од Canon.

Постојат повеќе начини за хоризонтално нивелирање при фотографирањето. Вклучете ја функцијата за прегледување во живо и користете ги линиите за третини за да го нивелирате хоризонтот. Ако користите статив, на неговата глава може да има практична либела. Дури и со овие помагала, во некои случаи можеби ќе треба да ја коригирате нивелацијата на некоја слика. Тоа лесно може да го направите со Canon Digital Photo Professional. За да го коригирате закосувањето треба само да го поместите лизгачот за агол во поставките на алатката за отсекување.

5. Задржете го фокусот: снимајте остри детали и во преден план и во заднина

Дрва со мов во шума опкружена со магла.

Оваа прва слика е снимена со решетка од f/4 и заднината е забележително мека. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 MACRO IS STM од Canon со избрани 1/160 сек., f/4 и ISO 100.

Остра слика од дрва со мов во шума опкружена со магла.

Користејќи тесна решетка од f/16, деталите и во преден план и во заднина се остри. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 MACRO IS STM од Canon со избрани 1/80 сек., f/16 и ISO 800.

Целта при фотографирањето пејзажи најчесто е да се долови потполно остра сцена за да се прикаже максимална количина на детали. Тоа се нарекува максимална длабочина на поле. За да ја постигнете, треба да поставите тесна решетка (голема вредност за f). Примерите погоре ја покажуваат разликата помеѓу фотографирање пејзаж со широка и тесна решетка.

За првата слика е користена решетка од f/4. Дрвото во преден план е остро, но сцената зад него е мека. За втората слика е користена потесна решетка од f/16 со која деталите и во преден план и во заднина се снимени со поголема острина. Ако целта е да се издвои важен дел од пејзажот, тогаш треба да користите широка решетка, но во повеќето случаи се претпочита користење на потесна решетка и максимална длабочина на поле. Лесен начин на кој може да поставите соодветна решетка за пејзажи е да го вклучите режимот AV, а потоа да изберете тесна решетка како што е f/16. Следете ја брзината на блендата - ако се намали премногу, можеби ќе треба да користите статив или да ја зголемите вредноста на ISO за да избегнете заматување на сликите.

За да добивате пејзажи со најголема острина, треба да фотографирате со „најдобриот отвор на блендата“ што го нуди вашиот објектив. Општо правило е дека објективот нуди најголема острина кога ќе изберете двојно поголема вредност на f од неговиот најширок отвор на блендата. На пример, ако користите објектив со најширок отвор на бленда f/2,8, тогаш најдобриот отвор на блендата кај тој објектив ќе биде приближно f/5,6.

Чест проблем на фотографите за пејзажи е тоа што можат да фокусираат нешто во преден план, под ризик да заматат сè останато во заднина. Или, пак, ако фокусираат елементи во заднина, тогаш деталите во преден план ќе се заматат. Фокусирањето со хиперфокусно растојание ќе ви помогне да изострите повеќе детали во кадарот преку пронаоѓање на најблиската точка на која може да фокусирате, а притоа заднината да остане прифатливо остра. Оваа техника не е толку сложена колку што изгледа, а калкулаторот за хиперфокусно растојание и длабочина на поле (DOF) во апликацијата Photo Companion може да ги направи сите пресметки наместо вас.

6. Агли за пејзажи: не фотографирајте сè на ниво на очите

Фотограф кој клечи на плажа за да сними Викторијански светилник од низок агол.

Пониските агли придонесуваат за посилни композиции преку нагласување на рефлектирањето и намалување на површината на плажата во кадарот.

Викторијански светилник се рефлектира во водата на песокот.

Екраните со променлив агол ви овозможуваат да го обликувате кадарот од невообичаени висини без напор. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon со избрани 1/100 сек., f/11 и ISO 4000.

Најчесто се фотографира на ниво на очите, но овој пристап не секогаш може да резултира со интересна слика. Поместете го фотоапаратот нагоре или надолу за да експериментирате со различни висини - можеби ќе пронајдете поинтересни агли. Рефлектирањето, на пример, во повеќето случаи изгледа подобро ако го држите фотоапаратот ниско до водата. Попрактично е ако користите фотоапарат со екран со променлив агол, како што е EOS RP од Canon, бидејќи ќе ви овозможи да го обликувате кадарот од удобна висина, а притоа да го држите фотоапаратот ниско до земјата или високо над вашата глава.


Напишано од James Paterson

Слични производи

Слични написи

  • Фотограф за пејзажи гледа низ визирот на EOS RP од Canon за да сними фотографија од пространи полиња.

    ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

    Како рачно да снимате пејзажи

    Дознајте како да снимате прекрасни пејзажи без статив.

  • A river flowing through a landscape of mossy rocks.

    ОСНОВИ ЗА ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Научете да ја користите експозицијата правилно

    Дознајте како да го прилагодите количеството светлина во вашите фотографии за да им го промените изгледот.

  • Слика од мочурлив пејзаж со две верзии од неа, на левата страна е необработената верзија, а на десната страна е обработената црно-бела верзија.

    ОСНОВИ НА УРЕДУВАЊЕ

    Како да ги уредите сликите со пејзажи пред да ги отпечатите

    Техники за уредување што ќе ги претворат вашите пејзажи во уметнички дела.

  • Trees reflect in a lake in Scotland with a mountain in the background

    ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

    5 најдобри совети за фотографирање забрзани видеоснимки од пејзажи

    Следете ги овие најдобри совети за фотографирање забрзани видеоснимки за да им вдахнете живот на пејзажите.