КРЕАТИВНО ФОТОГРАФИРАЊЕ

Поглед одгоре: шест совети за снимање неверојатни слики одгоре

Фотографот на животен стил и популарен тиктокер Chris Priestley покажува како да го подигнете нивото на квалитет на вашите фотографии снимени одгоре.
Човек прави аранжман за слика што ќе се снима одгоре и којашто ќе вклучува розов часовник, тетратка, тастатура и розови колачиња на чинија.

Фотографирањето одгоре е креативен начин за прикажување на секакви субјекти и производи, од шминка и накит, до храна и најави за раѓање на новороденчиња. Блогерите и создавачите на содржина на социјалните медиуми се богат извор на инспирација за овие видови на слики, но што треба да знаете ако сакате да дизајнирате и да стилизирате свои фотографии снимени одгоре и како да ги одвоите вашите фотографии од останатите фотографии на каналите на социјалните медиуми?

Тајната е во едноставноста, вели фотографот на производи и животен стил Chris Priestley, којшто заработува со снимање фотографии од перспектива одгоре и има 54.000 следбеници на Instagram и над 1 милион следбеници на TikTok. „Препорачувам што помалку додатоци во фотографиите снимени одгоре и избегнување заднини што го одвлекуваат вниманието.“

Секој може да се занимава со овој тип на фотографија. Не ви треба посебна опрема освен стандарден објектив, па дури и компактен фотоапарат, за да експериментирате со оваа фасцинантна техника. Всушност, започнувате со пенкало и хартија, како што објаснува Chris во првиот од шесте совети дадени подолу.

1. Испланирајте го кадарот

Слика снимена одгоре од црвено-црн часовник поставен на бели камчиња, опкружен со бели листови и други бели додатоци.

„Сакам да користам тема со бои кога снимам одгоре“, вели Chris Priestley. „Најпрво ги лоцирам клучните бои на главниот производ. Бидејќи броевите на црвениот часовник беа бели, знаев дека добро ќе се вклопат со бела заднина. Не можев да ги најдам саканите додатоци во бела боја, па ги обоив со спреј карабинерот, компасот и вештачките лисја за да ја оформам целината на сликата.“ Снимено со EOS R5 од Canon и објектив RF 50mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/200 сек., f/5,6 и ISO 100. © Chris Priestley

Chris го црта распоредот на сликата на лист хартија за да си помогне со оформувањето на кадарот бидејќи вели дека е тешко да се почне без план кога фотоапаратот ви е веќе поставен.

„Кога ќе нацртам скица од сликата што сакам да ја снимам одгоре, главниот предмет секогаш зазема централно место“, објаснува. „Заднината и додатоците треба да го надополнуваат предметот, естетски, функционално или преку животниот стил на целната публика.“

Потребно е експериментирање и искуство за можете да снимате слики коишто не се пренатрупани и го задржуваат вниманието, додава Chris. Тој предлага да се фокусирате на главниот предмет и избраната заднина. „Го користам правилото на третини и ја делам сликата на девет полиња. Потоа, секој додаток или елемент го сместувам во свое поле.“

2. Создадете своја колекција на додатоци

LCD-екран на фотоапарат од Canon на којшто се прикажува слика снимена одгоре од розов часовник и додатоци во розова и бела боја.

„Не сакам целите додатоци да бидат во кадарот, како на пример тастатурава и тетраткава“, вели Chris. „Исто така, сакав додатоците да создадат форми коишто ќе го насочуваат погледот низ сликата, па ги порамнив тастатурата, подлогата, тетратката, пенкалото и часовникот.“ © Andy Holbrook/ Chris Priestley

Слика снимена одгоре од розов часовник околу којшто внимателно се наредени тастатура, тетратка, пенкало, ливчиња од цвеќе и колачиња во розова и бела боја.

„Не сакам да оставам премногу празен простор бидејќи ја нарушува рамнотежата во сликата“, вели Chris. „Бидејќи ја поставив тастатурата во горниот десен агол на сликата, барав нешто и за долниот лев агол, па макар и обично ливче од цвеќе. Со ова, сликата не изгледа како да сте го заборавиле тој дел и сте изградиле целина.“ Снимено со EOS R5 од Canon и објектив RF 50mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/200 сек., f/8 и ISO 100. © Chris Priestley

Chris советува да не ги фрлате додатоците што ги купувате за снимање на фотографиите одгоре. „Не знаете кога ќе ви притребаат“, вели тој. „Сега имам огромна кутија додатоци со коишто можам да се послужам. Добро е да имате материјали при рака за да ги пополните деловите од фотографијата во коишто недостасува нешто.

Сепак, наместо да складирате голем број на заднини, Chris предлага да користите лесни фотографски заднини коишто можат лесно да се купат. „Можете да купите подлоги за фотографирање во формат A1 коишто се достапни во различни стилови, вклучувајќи и дрво, мермер и камени плочи.“ Chris користеше мермерна плоча како заднина за фотографијата од часовникот снимена одгоре.

Додатоците во фотографиите снимени одгоре помагаат во раскажувањето на приказната и му припишуваат контекст на субјектот за да знаеме за кого е наменет производот.

Без разлика какви додатоци ќе изберете за снимање фотографии одгоре, Chris советува секогаш да се беспрекорно чисти. „Од работењето со големи клиенти научив дека дамки или прашина се пресудни за фотографијата. Колку и да е добра фотографијата, окото природно ќе ја лови несовршеноста.“

„Ако има гребнатини или траги, обидете се да ги сокриете со други додатоци и проверете дали сѐ е беспрекорно чисто пред да започнете со снимање“, продолжува Chris. „Во спротивно ќе треба да ги отстранувате проблемите во фазата на обработка на сликите, а тоа ќе ви одземе многу време.

3. Поставување и поставки на фотоапаратот за снимање слики одгоре

Човек се подготвува да сними фотографија одгоре од црн часовник со помош на фотоапарат од Canon поставен на статив. Голем студиски рефлектор ја осветлува целата сцена.

„Задниот дел од фотоапаратот треба да биде паралелен со сцената што ја фотографирате одгоре“, вели Chris. „Во спротивно, сликата ќе се изобличи.“ Некои стативи содржат либела во главата на стативот што ќе ви помогне да се осигурате дека фотоапаратот е во правилната положба. © Andy Holbrook/ Chris Priestley

Не ви е потребена специјализирана опрема за да снимате извонредни фотографии одгоре, но стативот ќе го задржи фотоапаратот во саканата положба додека ги местите додатоците.

Chris го користи EOS R5 од Canon и вели дека малата тежина на фотоапаратот му оди во прилог кога снима фотографии одгоре. „Лесно можев да го навалам над масата. Со потежок фотоапарат морам да поставувам тежина на стативот за да не се преврти. Покрај тоа, подвижниот екран со променлив агол го поместував во положба од којашто можев да ја гледам сликата.“

Во поглед на изборот на објектив за снимање фотографии одгоре, Chris препорачува стандарден објектив од 50 mm, како RF 50mm F1.2L USM од Canon. „Користам објектив од 50 mm наместо поширок објектив бидејќи не предизвикува изобличување на објективот од растојанието на коешто снимам. На пример, ако снимате одгоре со објектив од 16 mm, перспективата на краевите ќе се изобличи и фотографиите од производи нема да изгледаат добро.“

Фотоапарат како EOS RP од Canon е исто така одличен избор за овој тип на слики и во комбинација со стандарден објектив како RF 24-105mm F4-7.1 IS STM од Canon овозможува употреба на опсегот од 50 mm и решетките што Chris ги препорачува тука. Можете да користите и компактен фотоапарат како PowerShot G7 X Mark III од Canon, особено ако имате ограничен буџет. Тежи само 304 g (заедно со батеријата и мемориската картичка), но доловува одлични детали благодарение на неверојатниот сензор од 20,1 MP.

Иако со малите решетки како f/16 и f/22 ќе фокусирате поголем дел од сликата што ја снимате одгоре, Chris најчесто користи поставки за f-вредноста помеѓу f/5,6 и f/8. „Не сакам да користам поголеми вредности бидејќи ќе добијам премногу детали на сликата“, вели тој. „Сакам да користам поголема длабочина за да ја дефокусирам заднината, но сепак да се распознава, со цел природно да го истакнам главниот субјект.“

4. Осветлете ја композицијата под агол од 45°

Човек облечен во црно прилагодува големо студиско светло во кујна.

Кога станува збор за осветлување на слики што се снимаат одгоре, Chris препорачува да се користи едно студиско светло како тоа на сликата или природната светлина од прозорецот. „Природната светлина е одлична за снимање светли слики кои како да ги гледате на сон“, вели тој. © Andy Holbrook/ Chris Priestley

Фотограф ја користи апликацијата Camera Connect на Canon на паметен телефон за да сними црвен часовник опкружен со опрема за планинарење.

За да ги сними овие фотографии, Chris ја користеше апликацијата Camera Connect на Canon. „Се разбира, откако ќе ја поставам сликата што треба да ја снимам одгоре, не сакам да поместувам ништо“, вели тој. „Апликацијата ми овозможи да го користам фотоапаратот без да го допирам. Можев да ја сменам решетката и брзината на блендата, да ја активирам блендата и да зумирам за да ја прегледам сликата со висока резолуција.“ © Andy Holbrook/ Chris Priestley

Кога станува збор за осветлување, Chris препорачува едноставни решенија. „Поголемиот дел од фотографиите ги снимам со едно светло коешто е поставено под агол од 45°, хоризонтално и вертикално од субјектот. На овој начин добивам многу убаво светло на сликата.“

„Достапни ви се многу различни видови на светло“, продолжува. „Бидејќи работам со комерцијална фотографија, претежно користам студиско светло зашто можам да користам модификатори за да ја обликувам и омекнам светлината. Континуираното осветлување е исто така добро решение бидејќи ви овозможува да видите каде паѓаат сенките за полесно да ги распоредите додатоците во сликата.“

Далечинското активирање на Speedlite од Canon, како што е Speedlite EL-1 од Canon, со помош на Speedlite Transmitter ST-E3-RT V2 од Canon ви дава креативна контрола над осветлувањето на сликата што ја снимате одгоре, особено кога користите чадор или придушен рефлектор за да ја придушите светлината.

Доколку сакате, можете да користите и природна светлина, вели Chris. Најчесто е подобро да фотографирате на облачен ден наместо под силна сончева светлина бидејќи облаците се природни дифузери коишто ја омекнуваат светлината. „Ако ја поставите сцената за сликата под светлина од прозорец под агол од 45°“, вели Chris „ќе го постигнете речиси истиот резултат што се добива со користење на вештачко осветлување.“

5. Прилагодете го распоредот за различни канали на социјалните медиуми

Слика одгоре од црн часовник со црно ремче од двете страни, поставен на заднина од скршени камени плочки.

При снимањето слики одгоре, Chris најчесто ја обликува композицијата на конечната слика на самиот фотоапарат. Сепак, за меланхоличната сцена со камените плочки, сликаше со поширок агол за подоцна да може да ја отсече сликата. Снимено со EOS R5 од Canon и објектив RF 50mm F1.2L USM од Canon со избрани 1/100 сек., f/8 и ISO 100. © Chris Priestley

Слика снимена одозгора од црн часовник и две црни ремчиња поставени на скршени камени плочки. Во преден план се гледа фотоапарат поставен на статив.

За оваа слика снимена одгоре, Chris најпрво сакал да употреби камена подлога како заднина, но не му изгледала доволно интересна. Затоа, ја скршил со чекан и ги распоредил парчињата, а процепите ги пополнил со црн чакал што се користи за аквариуми. Советува да ги прилепите деловите додека ги поставувате и прераспоредувате. „Ова особено ќе ви користи при фотографирањето одозгора и фотографирањето производи. Штом ќе завршам со заднината, сакам да го поставам главниот предмет, а потоа да преминам на остатокот од композицијата. Користам дискретен лепак за да ги задржам сите елементи на своите места.“ © Andy Holbrook/ Chris Priestley

„Меѓу омилените квалитети на мојот EOS R5 од Canon е големиот број мегапиксели којшто ми овозможува да ја отсечам сликата без да ѝ се намали квалитетот“, вели Chris. Тој посочува и дека каналите на социјалните медиуми имаат различни барања за големина и спецификации за сликите. Наместо да снимите една слика одгоре и да отсечете повеќе слики во софтвер за уредување, Chris предлага да осмислите посебна слика за секоја онлајн употреба.

„Снимам со сооднос на слика од 3:2 бидејќи ваквиот тип на слики се користи во блогови или веб-страници“, објаснува. „Во секој случај, имајте предвид дека ако ја прилагодувате сликата за различни социјални канали, како на пример 4:5 за Instagram, па дури и 9:16, ќе треба да ја смените положбата на додатоците. Би ви препорачал и да отстраните дел од нив бидејќи ќе имате помалку простор.“

6. Експериментирајте со поместување на елементите

Ако сакате да ги поместите границите при снимањето слики одгоре, експериментирајте со движење со следење на примерот на Chris даден погоре. За да го постигнете овој неверојатен ефект, Chris препорачува да ги снимате одделно елементите што се движат, наместо да снимите сѐ наеднаш во една фотографија. Погледнете ги неговите фотографии на TikTok.

Човек поставува фотоапарат на статив којшто е насочен надолу и фотографира розов часовник на кружна бела плоча околу којашто паѓаат розови ливчиња од цвеќе.

„Го поставив ремчето на часовникот, ги распоредив ливчињата околу него, а потоа пополека пуштав ливчиња да паѓаат додека снимав серија слики“, објаснува. „Потоа го отсеков од сликата секое ливче што ми се допадна во Adobe Photoshop и создадов комбинирана слика.“ © Andy Holbrook/ Chris Priestley

Фотоапарат поставен на статив и насочен надолу за да фотографира розов часовник поставен на кружна, бела подлога, а наоколу паѓаат розови ливчиња од роза.

Внесете динамичност во сликата со додавање на движење. Едноставен начин за внесување на движење е преку додавање и отстранување на додатоците со цел конечниот видеоприказ да прикаже дека производот се движи или исчезнува. © Andy Holbrook/ Chris Priestley

„При создавањето на комбинираната слика во Photoshop, ги поставив ливчињата од цвеќе во различни слоеви“, продолжува Chris. „Ги внесов слоевите во Adobe After Effects и додадов виртуелна камера. Потоа ја движев камерата низ слоевите кон часовникот за да го добијам 3D-ефектот што го гледате тука.“

Поедноставната алтернатива е да се обидете да ги снимите елементите што се движат во точна положба во една иста фотографија. Ќе треба да се обидете повеќепати, па затоа поставете го фотоапаратот во режимот на континуирана работа за да снимите серија фотографии додека го додавате движењето. За да ги оживеете фотографиите, спојте ги во анимиран GIF-формат во Adobe Photoshop или уредувачот на слики што го претпочитате.

Добивте ли инспирација? Обидете се да снимите фотографија одгоре и споделете ги резултатите на хаштагот #FreeYourStory со означување на @canonemea.



*Adobe, After Effects, Lightroom и Photoshop се заштитени трговски марки или трговски марки на Adobe во САД и/или други земји.



Напишано од Marcus Hawkins

Слични производи

Слични статии