УЛИЧНО ФОТОГРАФИРАЊЕ

Како да фотографирате улични портрети: совети од професионалец

Научете како да му пријдете на потенцијалниот субјект, па сѐ до осветлување и композиција, од овој опширен водич за снимање улични портрети на фотографот на портрети и животен стил, Julian Lovе.
Canon Camera

Снимањето улични портрети честопати се поистоветува со уличната фотографија. Двата стила имаат многу заеднички работи: и двата вклучуваат фотографирање непознати луѓе во средина надвор од студиото. Разликата е во тоа што уличната фотографија е спонтана и честопати субјектите не знаат дека се фотографирани, додека при снимањето улични портрети, „лицето коешто го фотографирате точно знае што се случува“, објаснува фотографот за животен стил и портрети, Julian Love.

„Сте разговарале со нив, па дури и сте им покажале како да застанат“, продолжува тој. „Интерактивно е, повеќе наликува на соработка, отколку на набљудување.“ Julian неодамна го зеде со себе EOS RP од Canon на прошетка низ улиците во родениот град Бат во Обединетото Кралство каде што снимаше улични портрети. Тука тој ги споделува своите осум совети за снимање извонредни фотографии.

Жена носи син фустан без ракави и очила за сонце на главата и се потпира на камен ѕид.

Emma е претставена како ја чека пријателката пред ресторан. „На луѓето коишто се свесни дека сте ги забележале бидејќи изгледаат привлечно најчесто не им пречи да ги фотографирате“, вели Julian. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 85mm F2 Macro IS STM од Canon со избрани 1/640 сек, f/2 и ISO100. © Julian Love

Насмеан продавач стои зад својата тезга и носи шал и бордо престилка.

Бен на својата тезга на зелениот пазар во Бат. „Можеби ви се допаѓа некоја продавница, тезга или работилница покрај којашто поминувате секој ден кога одите на работа. Навратете или контактирајте ги на социјалните медиуми и прашајте ги дали би сакале да ги фотографирате“, вели Julian. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 50mm F1.8 STM од Canon, со избрани 1/60 сек, f/2,8 и ISO 160. © Julian Love

1. Пронајдете субјект

„Зборот ‘улични’ ви дава погрешна претстава“, вели Julian, бидејќи не мора да го најдете субјектот буквално на улица. „Овие луѓе најчесто и не се најдобриот избор бидејќи одат некаде.“ Затоа, Julian препорачува да најдете луѓе коишто не се брзаат и не би им пречело да одвојат пет минути за вас. Поточно, тој препорачува да ги барате потенцијалните субјекти на места каде што луѓето чекаат, како на пример, автобуски постојки, постојки за такси или железнички станици.

„Продавачите се исто така одличен избор бидејќи нивното опкружување е честопати интересно“, додава. „Само, немојте да одите во сабота наутро кога се најзафатени.“ Кога бирате субјекти, размислете како би го вметнале нивното опкружување во фотографијата за да раскажете приказна за нив. На пример, цвеќињата со весели бои создаваат одлична позадина за сликата на Julian од цвеќарката Marcia Wood (претставена погоре), којашто се доселила од Лондон во Бат со сопругот којшто е арборист пред четири години. „Беше многу дружељубива и сакаше да се фотографира“, вели Julian.

2. Започнете разговор

Уличните портрети зависат од интеракцијата со субјектот, па затоа е важно да започнете разговор. „Се претставувам како фотограф и им објаснувам зошто сакам да ги фотографирам“, вели Julian. „Можеби се облечени интересно, изгледаат интересно или се наоѓаат на интересна локација. А можеби и светлото е посебно убаво.“ Понекогаш луѓето не се гледаат на истиот начин како што ги гледате вие, па слободно охрабрете ги потенцијалните субјекти со тоа што ќе им објасните зошто ви се интересни вам, како фотограф.

3. Поедноставете ја композицијата

Според Julian, умешноста на добрата композиција лежи во поедноставувањето на она што е во кадарот. Тој вели дека ова е особено важно кога снимате надвор, во средини коишто не можете да ги контролирате. На јавните места може да има голем визуелен неред, светли бои или премин од светли кон темни области. „За да снимите појасна композиција, треба да ги минимизирате овие нешта и да создадете добар контраст помеѓу субјектот и позадината. На пример, можете да одберете едноставна позадина, да претставите светли субјекти на темна позадина или обратно, или, пак, да доловите контраст од бои, на пример, субјектите да се облечени во зелено, а позадината да е црвена. Обидете се да го истакнете субјектот.“

Црвенокоса жена, облечена во тиролка, стои пред слики коишто се закачени на ѕид со дрвен декор.

Rebecca е претставена во галерија пред уметничките дела на сопругот. „Поставете го субјектот во положба во којашто светлината ќе му го осветлува лицето од едната страна за да создадете контраст и да му ги истакнете цртите“, вели Julian. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 50mm F1.8 STM од Canon, со избрани 1/80 сек, f/2,8 и ISO 100. © Julian Love

Маж со седа коса во темно кафена јакна седи зад тезга на пазар на којашто продава садови и вазни.

Не мора да тргнете без план. Размислете на кои луѓе или места би им пришле. „Има пазар на антиквитети секоја сабота во Бат, па фотографирав еден од тезгаџиите. Беше 9.30 ч. и сѐ уште немаше многу луѓе, а човекот си се одмараше на столчето“. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 50mm F1.8 STM од Canon со избрани 1/640 сек, f/2,8 и ISO 100. © Julian Love

4. Не плашете се да насочувате

Julian вели дека интеракцијата е клучна при снимањето улични портрети, па слободно замолете го субјектот да се помести ако сметате дека има потреба. „Фотографирајте ги во сенка за подобро осветлување или дајте им насоки како да застанат", вели Julian. Тој вели дека за овој елемент од снимањето улични портрети му помогнал задниот екран на EOS RP од Canon. „На овој начин повеќе комуницирате со субјектот и не се криете зад фотоапаратот“, вели тој.

Ја издвојува како корисна и функцијата за откривање лице и автоматско фокусирање со следење на EOS RP од Canon. „Ова е одлична технологија којашто ви помага да посветите повеќе време на разговор со субјектот и избирање на композицијата, без притоа да се грижите за фокусот. Лицето на субјектот е во фокус на секоја од фотографиите дури и кога субјектите во кадарот се релативно ситни.

5. Сменете ги објективите

При неодамнешното фотографирање улични портрети, Julian фотографираше луѓе во внатрешни и надворешни услови, со користење на три различни објективи: RF 35mm F1.8 Macro IS STM од Canon, RF 50mm F1.8 STM од Canon и RF 85mm F2 Macro IS STM од Canon. „За портретите што ги снимав внатре го користев објективот од 35 mm или 50 mm, а за портретите што ги снимав надвор, објективот од 50 mm или 85 mm. Изборот го правам во зависност од тоа колкав дел од позадината сакам да вклучам во фотографиите. Објективот од 35 mm ќе ви послужи кога снимате внатре бидејќи таму просторот е помал и сте поблиску до субјектот, а сакате да покажете повеќе од неговото природно опкружување. Кога снимате надвор, во позадината има повеќе елементи и потешко можете да ја контролирате, поради што долг објектив ќе ви помогне да го изолирате субјектот и да го поставите во центарот на вниманието."

Бидејќи EOS RP од Canon и објективите на Julian се лесни, идеални се за снимање портрети кога сте во движење и кога ви треба практичност. EOS RP е опремен и со функцијата за следење со AF на очи. Технологијата Dual Pixel CMOS AF овозможува остро фокусирање на очите на субјектот, што придонесува за неверојатна острина на вашите портрети.

6. Искористете ја светлината најдобро што можете

Julian ја користи само природната светлина при снимањето на улични портрети. „Кога снимам внатре, како на пример во продавница, ги замолувам да го исклучат вештачкото светло. Просториите се честопати осветлени со неонки или рефлектори коишто се непријатни и под коишто тешко се работи, па затоа при избирањето локација, важно е во местото да има големи прозорци“, вели тој.

„Ако снимате надвор, снимајте рано наутро или подоцна во текот на денот кога сонцето е пониско“, додава. „Многу често почетниците мислат дека им е потребна богата сончева светлина за да снимат добри фотографии. Ова не важи за снимањето портрети. На облачен ден, облаците играат улога на голем придушен рефлектор и дифузираната светлина изгледа многу поубаво.“

Жена со кратка руса коса носи очила и темна облека и седи на столче пред зграда од декоративен камен.

Златарката Tina Engell претставена пред работилницата којашто се наоѓа веднаш до нејзината продавница. Tina, којашто е Данкинка, завршила студии на Универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон и се доселила во Бат пред 25 години. „Сакам позадината да се гледа јасно, но да го истакнам и човекот“, вели Julian. „Широка решетка ќе ви овозможи да снимате меки позадини коишто не се целосно заматени.“ Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 85mm F2 Macro IS STM од Canon, со избрани 1/640 сек, f/2 и ISO 100. © Julian Love

Жена со долга, виткана, темно кафена коса седи на пулт до преса за печатење.

Athena Cauley-Yu има две оригинални преси за печатење Heidelberg во своето студио каде што создава прекрасни рачно отпечатени материјали. „Со оглед на тоа што Аthena е многу активна на социјалните медиуми, си помислив дека можеби ќе биде расположена да ѝ направам портрет“, Julian. „Ја фотографирав до нејзината преса за печатење - обидете се да најдете интересни предмети во опкружувањето коишто откриваат нешто за субјектите.“ Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 Macro IS STM од Canon, со избрани 1/80 сек, f/2,2 и ISO 320. © Julian Love

7. Снимете природни мигови

Не ловите движење или клучни моменти кога снимате улични портрети, туку се обидувате да претставите приказна во којшто субјектите прават нешто што е важно за нив, како на пример графичар покрај машина за печатење. „Бидејќи субјектите и позадината се претежно статични и не морам да реагирам брзо на чести промени, обично го користам рачниот режим (M)“, вели Julian. „При користење на режимот за приоритет на решетка (Av), експозицијата се менува секогаш кога ќе го промените малку кадарот на фотографијата додека фотоапаратот одново ја пресметува. Честопати имам нешто светло во позадината или во преден план, а сакам да ја задржам осветленaта површина.“

8. Останете во контакт

Julian носи со себе околу пет мали отпечатени фотографии од своето портфолио коишто им ги покажува на потенцијалните субјекти, како и инстант печатач за да може веднаш да им ја даде фотографијата. „Така повеќе наликува на размена“, вели тој. Преносливиот печатач како Zoemini од Canon или SELPHY Square QX10 од Canon би биле одлични за оваа намена. Честопати луѓето бараат примерок од сликата за нивните профили на социјалните медиуми или за да ја отпечатат и да ја покажат, па Julian со себе носи и визит-картички. „На тој начин не мора да ја запишувате вашата е-адреса 25 пати дневно“, додава.

Иако секогаш бара дозвола пред да фотографира нечиј уличен портрет, Julian користи формулар за согласност само кога фотографира во комерцијални цели. „Не ви треба образец за согласност кога снимате фотографии во некомерцијални цели, односно кога го претставувате лицето такво какво што е и не го поврзувате со производ, услуга или бренд. Им објаснувам за каква цел ќе ја користам фотографијата и добивам усна согласност“, вели тој.

Жанрот е истовремено тежок за работа, но и возбудлив, токму поради аспектот на непредвидливост. И покрај тоа, иако не можете да контролирате голем дел од аспектите, со малку планирање, вежба и самодоверба можете да ги искористите на креативен начин елементите коишто ви се на располагање, како што се субјектот, композицијата, светлото и локацијата, за да создадете прекрасни и автентични улични портрети.


Напишано од Rachel Segal Hamilton

Слични производи

  • Фотоапарати без огледало

    EOS RP

    Мал, лесен и интуитивен фотоапарат без огледало за целосна слика што е дизајниран за секојдневно фотографирање и фотографирање при патувања.
  • Објективи RF

    RF 35mm F1.8 MACRO IS STM

    Макро објектив f/1,8 од 35 mm со брза решетка за широкоаголна перспектива, кратко растојание на фокусирање и хибридна стабилизација на слика.
  • Стандарден објектив

    RF 50mm F1.8 STM

    Компактен, тивок и лесен примарен RF-објектив од 50 mm, со широка решетка од f/1,8, што е совршен за реализирање на вашата креативна замисла.
  • Објективи за EOS R

    RF 85mm F1.2L USM

    RF 85mm F1.2L USM нуди беспрекорна острина за портрети, врвни перформанси при слаба осветленост и креативен потенцијал.
  • Печатачи за во домот

    Canon Zoemini 2

    Добијте инстант отпечатени материјали од вашиот паметен телефон во секое време и на секое место со џебниот печатач Zoemini 2 што се напојува преку батерија.
  • Слични статии

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПОРТРЕТИ

    Совети за фотографирање портрети

    Подобрете го вашето фотографирање портрети со овие врвни совети и техники.

  • УЛИЧНО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Портрети за печатење

    Фотографот и тиктокер Kym Moseley ги споделува своите совети за снимање и споделување прекрасни снимки од непознати луѓе.

  • ТЕХНИКИ ЗА ОСВЕТЛУВАЊЕ

    Фотографирање при достапна светлина

    Дознајте како да ја барате и доловите најдобрата светлина за да го подобрите изгледот на вашите фотографии.

  • ФОТОГРАФИРАЊЕ ПРИ ПАТУВАЊА

    Фотографирање со почит при патувањата

    Што треба да имате предвид кога фотографирате култури и заедници што се различни од вашите.