ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

Ása Steinars: гледајќи подалеку од пејзажите за да се добие совршената фотографија

Подобрете ги вашите снимки од пејзажите така што ќе додадете субјект - откријте врвни совети за автопортретите во природа од авантуристичкиот фотограф и ѕвезда на TikTok Ása Steinars.
Canon Camera
Ása Steinars не била секогаш воодушевена од Исланд. Кога се доселила од Норвешка на седумгодишна возраст, имала впечаток дека живее во гратче, а не во држава. Сепак, со враќањето дома по години поминати на работа во странство, започнува да ја гледа земјата на огнот и мразот во ново прекрасно светло.

Денес, благодарение на фотографиите и видеозаписите од авантурите дома и во странство, на социјалните медиуми ја следат 700 000 корисници. Со усовршувањето на нејзините автопортрети во природа, преку коишто ги претвора скромните автопортрети во величествени фотографии од скандинавски пејзажи, нејзините профили на Instagram и TikTok секојдневно им оддаваат признание на неверојатните чуда на Исланд, од кратери, вулкани и плажи со црни песоци до фјордови, глечери и водопади.

На нејзините фотографии често можат да се видат луѓе, а најчесто и таа самата. Ова не се обични автопортрети, туку го покануваат гледачот да се стави во нејзина положба, што е особено важно кога објавувате на социјалните медиуми. „Целта ми е гледачот да се замисли себе си во сликата, да посака да отиде таму и да ја искуси природата, наместо да ја гледа оддалеку“, вели Ása.

За да го постигне ова, фотографиите на Steinars најчесто активираат едно или повеќе сетила, па така имате впечаток дека можете да ја почувствувате топлината на логорскиот оган на студен ден, да го слушнете водопадот или да го вкусите топлото кафе по долго планинарење. „За мене“, вели Steinars, „фотографијата треба да предизвика чувства како желба за патување, среќа или инспирација да излезете и да планинарите. Фотографирањето природа секогаш е поврзано со истражување на природата, па во фотографиите сакам да додадам некој којшто ќе ја раскаже приказната зад авантурата.

Тука Ása го објаснува својот начин на работа и споделува совети за фотографирањето пејзажи коишто ќе ви помогнат да ги подобрите вашите фотографии за да можете да ја видите природата во сосема поинакво светло.

Подобрување на композицијата со храбра облека

Маж во светло портокалова јакна стои на работа од карпа којашто се надвиснува над прекрасна долина но Норвешка.

Ása сака да внесе малку боја во нејзините пејзажи, што најчесто го постигнува преку носење светла облека, како што може да се види од фотографијата. „Со другар ми бевме на планинарење во Сења каде што ја снимив оваа извонредна фотографија од него како стои на работ на карпа“, вели таа. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 1/250сек., f/2,8 и ISO 200. © Ása Steinars

Двајца луѓе пијат кафе на отворено покрај мал логорски оган. Во заднината се простира прекрасна долина.

Во оваа внимателно одбрана сцена за фотографија, Ása и пријателите уживаат во паузата за кафе за време на нивното пешачење до Тролтунга, спектакуларна карпа во Норвешка. Човекот прикажана на левата страна носи џемпер од исландска волна што е чест мотив во фотографиите на Ása. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon, со избрани 24 mm, 1/200 сек., f/2,8 и ISO 640. © Ása Steinars

Кога се обидуваат да ги повторат автопортретите во природа на Ása, фотографите-почетници често ја занемаруваат облеката. Ása користи црвена, жолта и портокалова облека кога фотографира во облачни услови или ако субјектот е на голема оддалеченост. Фотографирањето луѓе во пејзажот предизвикува чувство за размер, а светлата облека додава живописни бои во фотографиите коишто инаку би можеле да бидат здодевни или еднобојни.

Ása дури оди и дотаму што ги избира локациите според облеката. Ова е особено важно кога соработува со брендови за облека. Таа се грижи локацијата да го надополнува производот на брендот во поглед на композицијата или темата, но истите принципи важат и за нејзината лична работа.

„Наоѓам локации што одговараат на стилот и боите на облеката,“ вели таа. „Ако не се одлучам за нешто живописно, се трудам да користам облека во локален стил за да се поврзам повеќе со природата. На пример, исландски волнени џемпери. Тие се многу пријатни за носење, но и убаво се вклопуваат во фотографиите од природата, а одлични се и за снимки одблиску од субјектите.“

Користењето ваква облека овозможува да се долови чувството на локацијата и локалната атмосфера во конечната фотографија.

Обликувајте го кадарот со помош на природата

Планинската верига Керлингарфјол рано налето. Во далечината се гледа маж со ранец.

Керлингарфјол е едно од тие места коишто повеќе личат на Марс отколку на планетата Земја“, вели Ása за фотографијата од познатата шарена планинска верига на Исланд. „Фотографијата ја направив на почетокот на летото, кога снегот сѐ уште се немаше стопено.“ Во фотографијата, планинарот зазема централна положба благодарение на контрастот помеѓу планините и снегот. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 70-200mm f/2.8L IS II USM од Canon, со избрани 70 mm, 1/400 сек., f/5,6 и ISO 100. © Ása Steinars

Исландска овца стои во стрмно поле љубопитно гледа во фотоапаратот. Во заднината се гледа огромна снежна планина.

„Наидов на оваа љубопитна овца во Вестфјорд една доцна есен пред да ги засолнат за зимата“, вели Ása. Вестфјорд е голем полуостров во северозападен Исланд со карпи во висина до 441 метри, што е совршена локација за фотографирање пејзажи. Планините и падината ми помогнаа да ја доловам овцата во центарот на сликата. Снимено со од EOS 5D Mark IV од Canon и објектив EF 24-105mm f/4L IS USM од Canon (којшто е сега заменет со EF 24-105mm f/4L IS II USM од Canon), со избрани 105 mm, 1/160 сек., f/4 и ISO 100. © Ása Steinars

Ása често го сместува субјектот во кадарот со помош на природните елементи како што се карпите, планините и водните површини. Понекогаш го формира кадарот со поставување заматени цветови во преден план за да го привлече вниманието на гледачот кон субјектот. Како и да го обликувате кадарот на вашите слики, клучно е композицијата никогаш да не изгледа изнудено.

„За мене многу е важно сликата да биде природна и пријатна за гледање,“ вели Ása. „Не треба да размислувате за сликата кога ќе ја видите, така што пропорциите треба да бидат соодветни, а окото директно да го пронајде субјектот, без да треба да го бара.“

Полесно е да направите заднините да се истакнат ако користите објектив за зумирање или телефото објектив, ако застанете малку подалеку од субјектот, а потоа зумирате за да го исполните кадарот со заднината. Ако го поставите субјектот подалеку од објективот, може да го искористите и фокусирањето со хиперфокусно растојание, коешто ви овозможува да ги задржите субјектот и заднината во соодветен фокус, дури и при снимање со широк отвор на блендата.

Стандардниот објектив за зумирање како RF 24-105 mm F4-7.1 IS STM од Canon има корисен фокусен опсег за почетниците во фотографирање пејзажи, па дури и широкоаголен објектив како RF 35 mm F1.8 Macro IS STM од Canon - квалитетот на слика што го нуди овој примарен објектив го прави одличен избор за секој фотограф на пејзажи.

Ása вели дека треба да експериментирате со композицијата, да го менувате аголот и позицијата на субјектот, да правите многу пробни снимки и да имате трпение. „Всушност, најважно е да го најдете совршениот кадар, а понекогаш треба малку повеќе време за да го доловите,“ објаснува таа. „Препорачувам да не брзате и да пробувате разни работи, пробувајте различни агли и споредувајте ги. Може да ги промените објективите за да видите како се менува сликата. Понекогаш трошам многу време на една слика, но тоа е само перфекционистот во мене кој ги презема работите во свои раце. На крајот, секогаш вреди.“

Користете го осветлувањето што ви е на располагање

Човек трча кон џип којшто стои навечер во Исланд. Светлата му се вклучени и го осветлуваат патот покриен со раскашавен снег.

За да го совладате природното светло и да го искористите за саканата цел, Ása препорачува да снимате на различни локации, во секаков тип на временски услови и во секое време од денот. „Поминувам доста време во возење околу Исланд“, вели тој. „Обожавам кога го напуштам градот и заминувам на пат со пријателите.“ Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 24-70mm f/2.8L II USM од Canon, со избрани 35 mm, 1/125 сек., f/2,8 и ISO6 400. © Ása Steinars

Фотографката на пејзажи Ása Steinars, облечена во долго зимско палто, стои со рацете в џеб во снежно опкружување.

Иако фотографката на пејзажи Ása Steinars одвреме-навреме користи рефлектор кога снима портрети, најчесто претпочита да ја фотографира природата таква каква што е. Во оваа фотографија, исландската инфлуенсерка намерно носи облека којашто е во склад со опкружувањето за да го засили чувството на чиста, недопрена природа. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon (којшто е сега заменет со EOS-1D X Mark III од Canon) со објектив EF 70-200mm f/2.8L IS II USM од Canon (којшто сега е заменет со EF 70-200mm f/2.8L IS III USM), со избрани 200 mm, 1/1600 сек., f/3,5 и ISO 500. © Ása Steinars

При фотографирањето автопортретите во природа, за Ása е важно да го користи достапното осветлување за да ја подобри конечната слика, без разлика дали се работи за облачен ден или сонцето сјае низ облаците.

„Погледнете што се случува кога фотографирате на зајдисонце наспроти напладне,“ вели Ása, која предлага да го носите фотоапаратот со вас во различни услови за подобро да го разберете контрастот помеѓу мекото и силното осветлување. На тој начин може да почнете да го користите осветлувањето во ваша полза.

Облаците може да бидат и добри придушувачи на светлина. „Облачните амбиентални услови се чести во Исланд и на нив се навикнав при честото фотографирање овде. Почнаа и да ми се допаѓаат, особено при фотографирањето пејзажи како што се кањоните и водопадите, каде што може да биде добро да нема многу сенки во сликата,“ објаснува Ása. „Тоа дава помек изглед и полесно е да поставите точна експозиција на целата слика.“

Откако ќе се запознаете со природното осветлување, ќе почнете да забележувате како тоа се менува со годишните времиња. „Зелената боја станува многу живописна во облачните денови, што им дава одличен изглед на летните фотографии,“ вели таа.

Магијата на далечинското фотографирање и тајмерите

Маж во водоотпорна црвена облека, портокалова кацига и чевли за планинско качување стои во пештера прекриена со мраз.

Иако пештерите со мраз во Исланд изгледаат волшебно на фотографиите, Ása ни открива дека се специфични за фотографирање. „Слабото осветлување и големото количество вода што капе од таваните ќе ви овозможат вистински да ги тестирате способностите на фотоапаратот. Снимено со ЕOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 1/80 сек., f/2,8 и ISO 400. © Ása Steinars

Фотографот за пејзажи Ása Steinars, облечен во топла зимска облека, влегува во голема пештера со мраз во Исланд.

„Ова ми е една од омилените фотографии од Исланд“, вели Ása. „Во ретки прилики, лагуната со мраз замрзнува, па можете да одите по мразот и да влезете во пештерите од сантата.“ Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 1/800 сек., f/2,8 и ISO 320. © Ása Steinars

Ása често се соочува со дополнителниот предизвик да биде и фотографот и субјектот. Таа го поставува фотоапаратот на статив, а потоа далечински го активира преку својот телефон и апликацијата Camera Connect од Canon. Таа го фокусира фотоапаратот со помош на екранот на телефонот, а потоа поставува тајмер на две или 10 секунди за да има време да го тргне телефонот за тој да не се појавува во конечната слика. Всушност, тоа е автопортрет што не изгледа како автопортрет.

Понекогаш таа го користи вградениот тајмер на фотоапаратот и го поставува фокусот на земјата на којашто ќе стои или на некој објект во областа, по што го поставува тајмерот и ја зазема соодветната положба. Ова е особено корисно за долгите експозиции.

„Снимив многу фотографии од поларната светлина во Исланд, а далечинското активирање или тајмерот се многу важни,“ открива Ása. „Бидејќи работите со долга брзина на блендата, важно е да не го движите фотоапаратот за да не се замати сликата. Активирањето преку апликацијата Camera Connect од Canon е најдобро, но ако ја немате, тајмерот од две секунди исто така може да ви послужи за да нема никакви вибрации од кликнувањето на копчето за бленда пред да почне снимањето на фотографијата.“

Усовршете го вашиот стил преку уредувањето

Зелена планинска верига со водопад во средината.

Кога снимате водопади со слабо осветлување, нема толку сенки, поради што можете да постигнете рамномерна експозиција низ целата слика. Откако ќе ја изберете крајната слика, можете да ја подобрите со користење на софтвер за уредување. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 1/125 сек., f/7,1 и ISO 250. © Ása Steinars

Драматичните зелени светла на поларната светлина над куќа со осветлени прозорци веднаш до голема водена површина.

Ása сакаше да вклучи и предмет во заднината на фотографијата како надополнување на и онака спектакуларната поларна светлина. „Најдов осветлена куќа којашто навистина ја разубавува фотографијата“, вели таа. Кога снимате содржина како поларната светлина, важно е да ги разгледате конечните фотографии и да ја изберете најдобрата за уредување. Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon и објектив EF 16-35mm f/2.8L III USM од Canon, со избрани 16 mm, 2,5 сек., f/4 и ISO 3200. © Ása Steinars

„Уредувањето е важен дел од фотографирањето во наше време,“ вели Ása, „и многу е важно соодветно да ги гледате вашите фотографии по снимањето.“ Таа советува секогаш да снимате датотеки во RAW-формат за да доловите најмногу податоци и да имате поголема флексибилност во обработката по снимањето. Вградените „Стилови на слика“ на Canon, во кои спаѓаат поставки како „Пејзаж“, „Неутрален“ и „Реалистичен“, нудат постојана палета на бои и атмосфера. Но, најдобар увид во она што го правите добро и она во што треба да се подобрите може да добиете преку прегледување на вашите фотографии.

Ása препорачува сите фотографи за пејзажи кои се почетници да инвестираат во софтвер за уредување фотографии како што е Digital Photo Professional од Canon (DPP) или Adobe® Photoshop® Lightroom®. Корисно е да пронајдете однапред поставени параметри - во суштина приспособени филтри што може да ги користите во софтверот - но тие не може да го заменат солидното познавање на обработката по снимањето.

„Користењето однапред поставени параметри може да биде добар начин да започнете, но, запомнете, нема едно специјално решение што секогаш ќе ви нуди одлични фотографии,“ вели таа. „Сѐ уште ќе мора самите да го правите најголемиот дел од уредувањето, дури и ако имате добри однапред поставени параметри.“

Продолжете да експериментирате и да вежбате

Грбав кит изрипува од водата наспроти драматичен бел хоризонт.

Доколку сте во можност, носете го фотоапаратот постојано со вас бидејќи никогаш не знаете кога ќе ви се укаже можност да ја снимите совршената фотографија, советува Ása. „Гледав китови и наеднаш чув голем плисок зад мене. Се свртев и во тој момент грбав кит рипна над површината“, вели таа за сликата. „Многу бев среќна што успеав да ја снимам целата секвенца на излегување на китот од водата.“ Снимено со EOS-1D X Mark II од Canon со објектив EF 70-200mm f/2.8L IS II USM од Canon, со избрани 150 mm, 1/5000 сек., f/3,2 и ISO 640. © Ása Steinars

На оние кои се нови во фотографирањето или кои немаат големо искуство во снимањето пејзажи, Ása им препорачува да ги гледаат делата на другите и да учат од нив. Таа препорачува да пронајдете фотографи на кои им се восхитувате и да видите како тие го користат осветлувањето, ги обликуваат кадрите и пронаоѓаат креативни агли.

Нејзиниот најдобар совет е едноставен. „Носам фотоапарат со себе каде и да одам, а тоа го правам повеќе од 10 години,“ вели таа. „Колку повеќе вежбате, толку подобри ќе бидете. Навистина е едноставно. Потребно е време да ја усовршите вештината. Никој не се раѓа како одличен фотограф.“
Напишано од Gary Evans

Слични производи

Слични статии

  • Пејзаж со големо дрво на кос рид, наспроти виолетово небо.

    ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

    Најдобри совети за пејзажи

    Дознајте техники за фотографирање што ќе ви помогнат да снимате подобри пејзажи.

  • Фотограф за пејзажи гледа низ визирот на EOS RP од Canon за да сними фотографија од пространи полиња.

    ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

    Како рачно да снимате пејзажи

    Дознајте како да снимате прекрасни пејзажи без статив.

  • Слика од мочурлив пејзаж со две верзии од неа, на левата страна е необработената верзија, а на десната страна е обработената црно-бела верзија.

    ОСНОВИ НА УРЕДУВАЊЕ

    Како да ги уредите сликите со пејзажи пред да ги отпечатите

    Техники за уредување што ќе ги претворат вашите пејзажи во уметнички дела.

  • Траги од светлина од автомобили во темнина што минуваат по мост. Густа магла како облак ги обвива потпорите на мостот и земјата под него.

    ФОТОГРАФИРАЊЕ ПЕЈЗАЖИ

    Создавајте траги од светлина

    Како да користите долги експозиции за да создадете траги од светлина: совети од победникот на Redline Challenge од Canon.