МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

Задлабочете се во деталите: 4 техники за макро фотографирање во домот

Вашиот дом е полн со лесно достапни можности за снимање креативни слики одблиску. Добијте инспирација од деталите во вашата дневна соба, кујна или полицата на прозорецот.
Canon Camera
Фотографирањето одблиску е одличен начин да бидете креативни со предметите што ги имате во домот. Независно дали станува збор за набори на дланките на новороденчињата, ситни детали во листовите или цветовите на растенијата во домот или меурчињата од сапуница во кујнското лавабо, откривањето на малите нешта кои досега не сте ги забележале може да ви донесе радост, инспирација и неограничени нови перспективи за фотографирање.

Забавата што ја нуди макро фотографирањето нема граници - може да пронајдете одлични субјекти во секоја соба во вашиот дом. Без разлика каков фотоапарат имате, тој ќе ви овозможи да се доближите до извонредните детали и да ги истражувате. Објективите (или опремата) со стандарден зум, па дури и компактните фотоапарати, можат да создадат прекрасни слики. Во оваа статија, шест фотографи ќе споделат неколку мали и интересни субјекти што ги фотографирале во своите домови и ќе ви откријат што ги инспирирало да ги погледнат субјектите одблиску.

1. Зумирајте ги најблиските детали кај вашите најсакани

Слика одблиску од глава на бебе кое лежи на грб.

Тука, фотографката Kate Gray ставила новороденче на кревет покрај прозорец за да го искористи изворот на природна светлина. „На овој начин имам добра основа за да фотографирам и од високи и од ниски агли, а притоа на бебето да му биде удобно“ - објаснува таа. Снимено со EOS 5D Mark III од Canon (сега заменет со новиот EOS 5D Mark IV од Canon) и објектив EF 100mm f/2.8L Macro IS USM со избрани 1/320 сек., f/2,8 и ISO 500. © Kate Gray Photography

„Сликите што ги снимив од моите деца кога беа бебиња ме инспирираа да продолжам да фотографирам одблиску за други семејства“ - вели семејната фотографка Kate Gray. „Знам дека без тие слики не би се сетила на совршените мали набори на дебелите прстиња на мојата ќерка или наборите што се создаваа на кожата околу очите на мојот син кога се смееше без запчиња“.

Иако специјалните макро објективи се идеални за фотографирање одблиску, одлични резултати може да добиете и со стандардните објективи со зум, па дури и со примарните објективи. Објективот EF-S 18-55mm f/3.5-5.6 IS STM од Canon, на пример, може да фокусира дури до 25 cm, а тоа значи дека може да добиете совршен кадар дури и од најситните детали.

Повеќето специјални макро објективи имаат телефото фокусна должина која е совршена за изолирање на секој елемент, а ако користите објектив со зум, тогаш не заборавајте да зумирате. Потоа поставете ја решетката на f/5,6, или на помала вредност доколку е можно, и вклучете стабилизација на сликата за да го елиминирате ризикот од тресење на фотоапаратот. Последниот чекор е да го обликувате кадарот и да се доближите колку што е можно повеќе до субјектот. Ако се доближите поблиску од минималното фокусно растојание на објективот, тогаш ќе го изгубите фокусот, па затоа поместувајте се внимателно наназад и нанапред сè додека не се позиционирате совршено.

2. Доловете ги деталите на природата

Зголемена слика од снегулка со врвни детали, врз црн материјал.

„Кога фотографирав со f/8 дадов приоритет на решетката бидејќи таа требаше да биде тесна, за да можам да фокусирам поголема површина од снегулката“ - вели фотографот Jamie Spensley. „Потоа ги прилагодив поставките за да добијам речиси црна слика при природна светлина, поставувајќи ја опцијата ISO на 200 и брзина на блендата од 1/100 сек. Потоа снимив неколку пробни слики со различна јачина на блицот за да видам што е најдобро за да добијам убава експозиција на мојата слика“. Снимено со EOS 80D од Canon и објектив EF 100mm f/2.8 Macro USM од Canon. © Jamie Spensley

Слика одблиску од растението поточарка со капка вода на него.

„Отсекогаш сум ги забележувала малите работи, па затоа макро фотографијата ми стана омилена“ - вели фотографката Agi Wojcik. „Во 2020 година, на пролет, започнав сама да одгледувам зачини и зеленчук и забележав колку убаво изгледаат зелените листови откако ќе ги наводнам. Сакав да го доловам одблесокот на сонцето во капката вода бидејќи знаев дека капката нема долго да се задржи на листот“. Снимено со EOS RP од Canon и објектив RF 35mm F1.8 MACRO IS STM од Canon со избрани 1/250 сек., f/8 и ISO 800. © Agi Wojcik

Макро фотографиите можат да откријат невидени природни богатства, почнувајќи од шемата во вид на лавиринт на задната страна на листовите па сè до уникатната сложеност на совршено формираните снегулки. Фотографирањето одблиску ви овозможува да ја доловите убавината на природата насекаде, а тука спаѓа и рамката на вашиот прозорец на ладен и дождлив ден.

Црната јакна беше единствената заднина што му беше потребна на Jamie Spensley за да ги истакне прекрасните детали на белата снегулка. Препознатливото и меко осветлување успеа да го постигне со помош на макро дифузер. „Тоа е конус направен од бел материјал што се поставува околу предниот дел на објективот. Потоа има тунел со рефлективен материјал што се поставува на блицот и ѝ помага на светлината да дојде до конусот. Конечниот резултат е екстремно мека светлина што е совршена за макро“.

Ако сакате повеќе опции за креативно искористување на светлината при фотографирање одблиску, објективите EF-S 35mm f/2.8 Macro IS STM и EF-M 28mm f/3.5 Macro IS STM имаат вграден Macro Lite што им овозможува на фотографите да се доближат без да прават сенка.

Фотографката Agi Wojcik го користи режимот за снимање сцени одблиску за да фотографира поточарка во нејзиниот стан. „На овој начин немаше потреба да се грижам за поставките и можев да се концентрирам на добивање правилен фокус. Исто така, ја користев функцијата за AF во точка и практичната опција за зголемување во режимот за прегледување во живо. Откако видов колку добро излезе сликата, добив инспирација да го земам фотоапаратот и да истражувам други предмети во домот“.

3. Пронајдете го неверојатното во секојдневното

Макро фотографија од молив што црта линија на хартија.

„Избрав релативно мала вредност за ISO бидејќи имаше доволно светлина“ - вели фотографот Lucas Piltz. „Решетката беше поставена на f/7,1, па затоа многу површини беа остри, а брзината на блендата беше поставена на 1/100 сек.“. Снимено со EOS 250D од Canon со избрани 1/100 сек., f/7,1 и ISO 800. © Lucas Piltz

За многу уметници, обичниот молив е одличен почеток, а кога фотографот Lucas Piltz го фотографираше одблиску, тој пронајде начин да ја истакне својата креативна страна.

Lucas одлучи да сними серија слики за да добие поголема длабочина на поле од вообичаената. „Користев статив за да го спречам тресењето“ - вели тој „и фокусирав рачно бидејќи така имав поголема контрола и учев повеќе. Започнав со фокусирање на областа во преден план и постепено го оддалечував фокусот кон заднината“. Користејќи ист кадар, Lucas сними 40 верзии од моливот, сите со различни фокусни точки, а потоа ги спои сите верзии.

Оваа техника се нарекува спојување фотографии со различен фокус и може да ја изведете со спојување повеќе слики со различни фокусни точки со помош на софтверот Digital Photo Professional од Canon.

4. Пронајдете апстрактна перспектива за секојдневните предмети

Макро фотографија од масло во вода што создава кружни капки во виолетова боја.

Andrea Hunt користи едноставни состојки како масло и вода за да создаде апстрактни слики со неверојатен изглед. Користењето различни количини на масло и ставањето различни и разнобојни предмети под садот во кој е ставена водата ви нуди неограничен број на уникатни шеми и мотиви. Снимено со EOS 7D Mark II од Canon и објектив EF 100mm f/2.8L Macro IS USM од Canon со избрани 1/100 сек., f/10 и ISO 1250. © Andrea Hunt

Слика одблиску од меурчиња од средство за миење во жолта боја.

Tibo Tuypens ја искористува моќта на геометријата за да ја разгори фантазијата на гледачите. „Го користев мојот EOS 7D Mark II од Canon и објективот EF-S 60mm f/2.8 Macro USM, заедно со блиц Speedlite“ - вели тој. „Можам слободно да користам ISO 100 со брзина на блендата од 1/400 сек. и решетка f/2,8 за да добијам убава и заматена заднина“. © Tibo Tuypens

„Како многу ангажиран здравствен работник, фотографирањето го користам како алатка за опуштање на мозокот за да се забавувам и да уживам во слободното време“ - објаснува макро фотографката Andrea Hunt. „Макро фотографирањето открива детали што ретко се забележуваат, а вашата куќа или градина ви нудат можности да бидете многу креативни“.

За да добиете иста слика како апстрактната слика на Andrea ќе ви треба стаклен сад за печење што ќе го подигнете од подот во четирите агли и ќе го исполните со вода. Потоа додавајте масло постепено за да можете да експериментирате со различни количини. За да додаде привлечна боја на маслото, Andrea става паметен телефон или таблет-уред под садот кои прикажуваат слика во разни бои, но може да додадете и картичка или хартија во боја.

Кога фотографирате слика од масло одозгора, најлесно е да фокусирате рачно и да го користите режимот за приоритет на решетка (Av). „Фотографирањето со f/10 ми нуди доволна длабочина на полето за да опфатам слој од маслото без да достигнам до дното на стаклениот сад“ - вели Andrea.

Истата техника може да ја користите за олеснување на домашните обврски. Фотографот Tibo Tuypens откри дека течноста за миење садови може да создаде прекрасни геометриски форми ако додадете неколку капки во мала количина на вода во садот за печење.

За заднината, Tibo сака да користи листови хартија во боја. „Потоа користам блиц за да ги рефлектирам боите преку водата“ - вели тој. „Ова е одличен начин за комбинирање бои и создавање нијанси“.

За да направите меурчиња треба да земете цевка и да дувате во водата - а потоа почнете да фотографирате! „Што и да ставите пред објективот, секогаш ќе имате огромен избор на форми, текстури и распрскана светлина“ - вели Tibo.

Напишано од Phil Hall

Слични производи

Слични статии

  • Апстрактно макро фотографирање: фотографирање сапуница

    МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Апстрактно макро фотографирање: фотографирање сапуница

    Дознајте како да снимате прекрасни, разнобојни и апстрактни макро фотографии од сапуница во овој едноставен водич со објаснувања во чекори.

  • Слика одблиску од кафеав пајак-скокач.

    МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Откријте го светот на инсектите

    Откријте ги тајните животи на малите суштества со советите на Pierre Anquet.

  • get-inspired-macro-photography-tips-1-hub

    МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Совети за макро фотографирање

    Фотографирањето одблиску (или макро) отвора нови можности за вас и вашиот EOS.

  • МАКРО ФОТОГРАФИРАЊЕ

    Фотографирање цвеќиња што се рефлектираат во капки вода

    Бидете креативни со макро фотографирањето и откријте како да снимате прекрасни слики од цвеќиња што се рефлектираат во капки вода.