Врвни совети за уникатно улично фотографирање и снимање

Уличното фотографирање еволуираше во изминатите неколку декади - во денешно време, тоа е поекспериментално и црпи инспирација од други жанрови, според Andres McNeill.
Уличниот фотограф Andres McNeill снима улична фотографија од лице кое се шета по долг висечки мост.

Уличното фотографирање постои од кога фотоапаратите станаа доволно преносливи за да можат лесно да се носат. Тоа е жанр што вклучува голем број стилови, но лабаво се дефинира како неисценирани слики снимени во јавност. Повеќето луѓе мислат на њујоршкиот стил од 1960-тите до 1980-тите кога мислат на типично улично фотографирање - снимки со динамични движења, понекогаш снимени многу блиску до лицата на луѓето. Меѓутоа, исто како и сите други видови на фотографирање, и тоа еволуираше.

Во ера во која сите имаат паметен телефон во џебот, сериозните улични фотографи се истакнуваат по квалитетот на нивните слики снимени со фотоапарат, како и по креативноста. Може да се држат до горенаведениот стил, но уличното фотографирање го прават на нивен начин.

Земете го Andres McNeill за пример. Со седиште во Глазгов, ОК, тој се стекна со значителен број на следбеници на социјалните медиуми поради своите драматични снимки со фокус на архитектурата на шкотскиот град. Andres смета дека зградите се прв приоритет, а потоа луѓето.

Тука ни ги споделува своите совети за фотографирање на улица.

Набљудувајте го светот околу вас

Уличниот фотограф Andres McNeill снима улична фотографија од две лица што држат чадори и се шетаат пред голема и грандиозна зграда.

Иако Andres е инспириран од архитектурата, тој сака да ги вклучи и луѓето во своето урбано фотографирање за да додаде движење и карактер со што ќе ја оживее снимката. Фотографирано со Canon EOS R6 и адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 70-200mm f/4L IS USM со избрани 200 mm, 1/800 сек., f/4 и ISO 400. © Andres McNeill

Уличниот фотограф Andres McNeill снима улична фотографија од стар човек кој се шета по тротоар со стап пред висока зграда со ѕидови изградени од црвени тули.

Ознаките на патот и металната обработка на надворешниот дел на оваа зграда ги привлекуваат очите на гледачот кон стариот човек што се шета со бастун покрај грандиозните ѕидови од црвени тули. Фотографирано со Canon EOS R8 и објектив Canon RF 28mm F2.8 STM со избрани 1/800 сек., f/2,8 и ISO 100. © Andres McNeill

Кога Andres излегува да фотографира, намерно избегнува премногу да размислува за тоа каде ќе оди, туку одговара на тоа што го гледа. Сепак, има чувство што бара. „Би рекол дека сум малку поинаков од другите улични фотографи бидејќи ја земам урбаната архитектура предвид“, објаснува тој. „Сакам да го покажам размерот. Сакам да прикажам огромна зграда со луѓе во предниот план за да создадам контраст“.

Andres талка додека не пронајде локација за која смета дека ќе создаде моќна композиција, а потоа го подготвува фотоапаратот и чека. „Како заднина, избирам убава зграда, а личноста што минува пред неа е речиси во втор план“, вели тој. Критериумите за идеалниот субјект најчесто се засноваат врз визуелно повторување или случајност - „човек облечен во зелена блуза покрај билборд на кој има човек што е облечен во зелена блуза и слично“.

Кога фотографирате луѓе во некоја сцена, треба да одредите фокусна точка, без разлика дали тоа ќе бидат очите на главниот субјект, лицето на некоја централна личност во толпа луѓе или некој кој брза долж улицата.

Најдете стил што ве инспирира

Две раскошни згради во сенка претставуваат рамка за трета зграда облиена во сончева светлина во оваа улична фотографија снимена одоздола.

Една предност на користењето на високи згради како кадар во кадар е тоа што можете да фотографирате кога било. „Не е важно дали снимате напладне, што е кошмар за фотографи бидејќи сонцето е најсилно, бидејќи можете да најдете убав контраст меѓу светлината и сенките“, вели Andres. Фотографирано со Canon EOS R8 и објектив Canon RF 28mm F2.8 STM со избрани 1/250 сек., f/2,8 и ISO 200. © Andres McNeill

Улична фотографија од човек кој гледа и чека на платформа додека поминува воз. Човекот е целосно во фокус, а вагонот на возот е заматен.

Причината зошто Andres обожава да прави фотографии што изгледаат како филмски сцени е бидејќи тоа „создава носталгичен изглед, речиси како Глазгов што го паметам од детство“, вели тој. Фотографирано со Canon EOS R6 и објектив Canon RF 24-105mm F4-7.1 IS STM со избрани 1/6 сек., f/4,5 и ISO 100. © Andres McNeill

Кинематографијата е важна појдовна точка за Andres, кој составува слика „речиси како првичен кадар во филм“.

Нагласува дека нема само едно решение кога станува збор за денешното улично фотографирање. Нештата кои најмногу го привлекуваат вниманието на Andres се формите и шемите на зградите, без оглед на тоа дали се работи за викторијански градби од 19-тиот век, или, пак, бруталистичките структури што повремено се наоѓаат на улиците на Глазгов. Вели дека е „голем љубител на линии што го насочуваат вниманието, каде што линиите на зградата ве водат кон субјектот. Понекогаш, фотографирам зграда од двете страни на кадарот, а во средината има човек или такси што се движи кон мене.

„Можете да ѝ пристапите на задачата на многу начини“, додава Andres. „Стариот начин беше секогаш да се користи објектив од 35 mm, понекогаш да се фотографира од колкот, одблиску, а сега користиме разновидни фокусни должини. Ако се чувствувате поповлечено, можете да користите објектив од 85 mm или 200 mm и да фотографирате од спротивната страна на улицата за да доловите момент што можеби би го пропуштиле со 35 mm“.

Однесувајте се со почит

Во улична фотографија снимена од Andres McNeill, велосипедист вози велосипед по калдрма пред величествена камена зграда.

Кога првпат започна, Andres се обидуваше да ги имитира уличните фотографи од минатото, кои се доближуваа што е можно повеќе до субјектите. „Не сакам да влегувам во личниот простор на луѓето“, заклучи Andres. „Тоа не е мој стил“. Фотографирано со Canon EOS R8 и објектив Canon RF 28mm F2.8 STM со избрани 1/500 сек., f/4,5 и ISO 100. © Andres McNeill

Препорачливо е да ги проверите законитостите поврзани со улично фотографирање каде што планирате да фотографирате - но, општо, повеќето земји дозволуваат фотографирање на јавни места освен ако не е поинаку наведено. Тоа вклучува фотографирање пешаци на улица и луѓе на јавни места, како што се парковите.

Сепак, фотографирање странци може да биде застрашувачко. „Бидете искрени за тоа што го правите и ослободете ја вашата страст“, советува Andres, кој вообичаено ја снима фотографијата, а потоа, ако е можно, оди да разговара со субјектот и му ја покажува фотографијата на задната страна од неговиот фотоапарат. Можете и да понудите да ги споделите сликите, или на субјектот да му ги дадете деталите за вашите социјални медиуми за да ги видат сликите онлајн.

Повеќето луѓе разбираат, но Andres со задоволство ги брише сликите ако го замолат.

Улична кинематографија

get-inspired-street-photography-tips-andres-mcneill-video.mp4

Не е изненадување дека љубовта која Andres ја има кон филмскиот изглед го доведе до тоа да снима впечатливи видеозаписи покрај уличното фотографирање. Често користи Canon EOS R5 (сега е заменет со EOS R5 Mark II) кога сака да се префрли меѓу фотографии и видеозаписи, но се префрлува на камера Cine EOS C70 кога се фокусира само на снимање видеозаписи, благодарение на „револуционерните“ вградени ND-филтри за контрола на експозицијата.

Кога станува збор за улична кинематографија, Andres советува свесно обликување на сцената. „Уличното фотографирање повеќе простува. Сѐ уште треба внимателно да ги обликувате кадрите, но можете да го смените отсекувањето подоцна. Со видеозаписите, ако нешто не изгледа како што треба или ви го блокира кадарот, тогаш е потешко да го решите проблемот - иако, со фотоапаратите со резолуција од 8K од Canon, можете да ја отсечете сцената за да создадете кадар со 4K или Full HD“.

Предлага и да се внесете во улогата на фотограф на диви животни за да бидете потрпеливи со уличната сцена: „Баш кога мислите дека ништо не се случува и сакате да одите на друга локација, снимајте уште 10 секунди - тогаш секогаш се случува нешто!“

Вели дека неговиот пристап кон снимање видеозаписи е „сличен, но сепак различен“ од снимањето фотографии. „Знам дека е парадокс! Сакам импровизирани видеозаписи во стил на документарци, што е слично на уличното фотографирање бидејќи само набљудувате моменти. Но, дисциплините се различни. Кога станува збор за улично фотографирање, има фокус на луѓето кои влегуваат во кадарот, но тие се во втор план при уличната кинематографија. Поважна е светлината и зградите и, суштински, создавање цела сцена“.

Овој уметнички пристап важи и за обработката по снимањето: „Обожавам да гледам како сѐ се спојува, комбинирањето на боите и добивањето луди слики. Многу сакам работи како Blade Runner бидејќи таму навистина се комбинираат нереални бои“.

Кога уредува за социјални медиуми, Andres вели „Барам добра композиција со архитектура и сакам да го обликувам кадарот со луѓе кои влегуваат и излегуваат од кадарот или понекогаш да следам толпа и да се фокусирам на зграда. Сакам и да се фокусирам на луѓе додека шетаат или на велосипедисти, за да додадам малку движење“.

Снимање за социјални медиуми

Улична фотографија од Andres McNeill од тесна калдрма приквечер, во барички се гледаат одрази од светилки.

Најчесто, потребно е да се чека за да се сними вистинската фотографија. Andres може да не се помрдне од место половина час додека не ја добие сликата што ја сака, на пример, додека некој не зачекори во кадарот. Но, ако најдете интересна локација, можете да се вратите некој друг ден. Фотографирано со Canon EOS R6 и адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 70-200mm f/4L USM со избрани 1/250 сек., f/4,5 и ISO 3200. © Andres McNeill

Фотоапарат Canon EOS R50 V со објектив Canon RF-S 14-30mm F4-6.3 IS STM PZ, вертикално монтиран на статив со држач HG-100TBR од Canon.

Canon EOS R50 V е претежно насочен кон видео и се одликува со вертикален приклучок за статив, со што е полесно да се снима во вертикална ориентација за социјални платформи. Овде се користи со повеќенаменскиот статив со држач HG-100TBR од Canon.

Споделување на вашите улични фотографии и видеозаписи на вашите канали на социјалните медиуми е одличен начин да достигнете нова и поголема публика. Andres вели дека социјалните медиуми беа многу важни кога тој штотуку започна: „Многу ми значеше бидејќи не знаев ништо за веб-страници и SEO“.

Снимањето видеозаписи станува приоритет за социјалните медиуми, вели тој, а тој сега снима наменски видеозаписи за своите канали. „Пурист најверојатно би рекол дека сѐ мора да се сними хоризонтално, но тоа не е идеално за социјални медиуми - освен ако не станува збор за YouTube. Затоа, понекогаш намерно снимам улични сцени вертикално. Се исплаќа бидејќи повеќе луѓе ги гледаат моите видеозаписи на TikTok кога снимам вертикално“. Дизајниран за снимање видео, Canon EOS R50 V е опремен со вертикален приклучок за статив за максимално да ги искористите овие можности.

Вертикалната композиција често го надополнува уличното фотографирање со фокус на архитектура, но Andres ужива во хоризонталното снимање. „На Instagram можете да направите тројна низа, што значи дека имате три различни хоризонтални сцени една врз друга во рамка со димензии од 4x5. На овој начин можете и визуелно да раскажете приказна“.

Кога станува збор за избирање на фотографии за објавување на социјалните мрежи, Andres препорачува да не се обидувате да задоволите никого освен себеси: „Научив да не фотографирам повеќе за други луѓе. Сега го фотографирам само тоа што ми е интересно“.

Иако социјалните медиуми постојано се менуваат, Andres има совет за сите времиња за тоа како да изградите публика за вашето улично фотографирање и како да им го задржите вниманието: бидете интерактивни. „Не сум креатор кој само објавува и игнорира пораки. Имам публика која секој ден комуницира со мене, но, иако имам многу следбеници, одвојувам време да одговорам на сите коментари и да зборувам со сите кои сакаат да разговараат со мене. Секако, ако имате милион следбеници, тоа не е можно, но сепак мислам дека социјалните медиуми треба да се реципрочни“.

Усовршете ја вашата торба со опрема за улично фотографирање

Раце држат Canon EOS R8 со прикачен објектив Canon RF 28mm F2.8 STM, кој често се користи при улично фотографирање.

Снимањето спонтани моменти и интересни сцени е една од најголемите радости на уличното фотографирање, поради што е идеално да имате фотоапарат со брз секвенцијален режим. EOS R8 може да снима со брзина до 40 fps поради својата електронска бленда, а исто така, има и секвенцијален режим во RAW-формат со 30 fps со пред-фотографирање, што ви овозможува да фотографирате RAW-датотеки со половично притиснување на блендата.

Човек држи камера Canon PowerShot V1 при низок агол со статив со држач, екранот со променлив агол е закосен нагоре, што е соодветно за улично фотографирање.

Многу фотоапарати Canon EOS имаат екран со променлив агол, со што е лесно да се обликува кадар кога снимате од невообичаени агли. И Canon PowerShot V1 се одликува со оваа карактеристика покрај големиот опсег на опции ориентирани кон снимање видеозаписи.

Компактната големина и одличните перформанси при слаба осветленост на фотоапаратите без огледало со EOS R-систем од Canon, почнувајќи од фотоапаратите за целосна слика EOS R8 и EOS R6 Mark II до фотоапаратите со APS-C-сензор EOS R10 и EOS R50, се одличен избор за улично фотографирање. Ако сакате нешто што го собира во џеб, размислете за компактен фотоапарат како Canon PowerShot V1, кој комбинира висок квалитет на слика и напредни функции за фотографирање и снимање видеозаписи за креатори на содржини.

Andres претежно фотографира при големи брзини на бленда во режим за континуирано секвенцијално фотографирање. „Сакам да ги замрзнам движењата и не сакам да ја испуштам снимката“, објаснува тој.

Традиционално, уличните фотографи користеле објективи од 35 mm или 50 mm, бидејќи тие се најблиску до начинот на којшто човечкото око го гледа светот и обезбедуваат природна перспектива. Canon RF 50mm F1.8 STM и RF 35mm F1.8 MACRO IS STM обезбедуваат прекрасен и рамномерен ефект на дефокусирање, а нивните широки решетки обезбедуваат филмски ефект, изолирајќи го субјектот и одржувајќи ја заднината заматена.

Но, ако заднината ви е исто толку важна како и субјектот, широкоаголен објектив може да е подобра опција. Извонредно компактниот Canon RF 28mm F2.8 STM има и разновидна фокусна должина и брза решетка за експериментирање со заматување на заднината, поради што е идеален објектив за улично фотографирање. Повеќенаменскиот Canon RF 28-70mm F2.8 IS STM се одликува со оптичка стабилизација на слика за да го минимизира тресењето на апаратот, а притоа, ви нуди разновидност за да можете да доловите широкоаголни урбани сцени, како и поинтимни улични портрети. „Понекогаш сакам да зумирам и да создадам различни перспективи“, вели Andres.

Снимање со телефото објектив ви овозможува да одржите растојание од субјектот за да не ја нарушите неговата приватност. Canon RF 24-240mm F4-6.3 IS USM е повеќенаменски објектив со зум до 10x, што е идеално ако сакате еден објектив со фокусна должина за секое сценарио.

Пет врвни совети за креативно улично фотографирање

1. Прифатете креативни перспективи

Зграда и дрвја се одразуваат во голем вир со вода на патот, фотографирано од уличниот фотограф Andres McNeill од под мост.

Andres ја преобрази невпечатливата сцена во интересна со тоа што ја искористи земјата и долната страна од мостот како природни рамки, осигурувајќи се дека зградата и дрвјата се одразуваат во големиот вир на патот. Фотографирано со Canon EOS R8 и објектив Canon RF 28mm F2.8 STM со избрани 1/1000 сек., f/3,5 и ISO 100. © Andres McNeill

Искривена калдрма во Глазгов фотографирана одозгора. Разнобојни знамиња се закачени меѓу зградите на двете страни. Фотографирано од уличниот фотограф Andres McNeill.

Додајте разновидност во вашите урбани фотографии со снимање улична сцена одозгора, или гледајќи нагоре од земјата. Фотографирано со Canon EOS R6 и адаптер за монтирање објективи EF-EOS R од Canon и објектив Canon EF 16-35mm f/2.8L III USM со избрани 16 mm, 1/160 сек., f/5 и ISO 100. © Andres McNeill

За да снимите уникатни слики, обидете се да фотографирате од невообичаен агол или невообичаена перспектива. Едно од омилените нешта на Andres во врска со Глазгов се различните перспективи и слоевите што може да ги воведе во кадарот бидејќи градот е толку ридест. Височината е одлична и за снимање зајдисонца.

Уште една корисна техника е да се бараат одблесоци од прозорци или други сјајни површини. Освен прозорци, можете да експериментирате со вирови и реки за да создадете интересни композиции.

Ако снимате улични фотографии, размислете што е уникатно за вашиот град и искористете го тоа за да ги направите вашите слики интересни и индивидуални.

2. Фотографирајте со заматување

Улична фотографија со големо вертикално заматување; се гледаат пешаци меѓу розова, зелена и жолта светлина.

Ако сакате да снимите слика со заматување, тогаш побарајте интересни предмети што можат да создадат нагласени шеми, како разнобојните чадори закачени над улицата тука. Движењето на фотоапаратот горе-долу, во комбинација со должина на експозиција од 1/15 сек., ќе ги претвори секојдневните улични сцени во слики со прекрасно заматување. Снимено со Canon EOS RP (сега е заменет со EOS R8) и објектив Canon RF 24-105mm F4-7.1 IS STM со избрани 35 mm, 1/15 сек., f/22 и ISO100.

Тресењето на фотоапаратот е нешто што фотографите сакаат да го избегнат, но намерното движење за време на експозицијата може да создаде разлеани апстрактни форми од улиците, а претставува и одличен начин за пренесување на чувството за место.

Најважно е да поставите брзина на бленда што е доволно бавна за да се создаде заматување, но доволно брза за да се остави трага од луѓе и форми. Поставете го вашиот фотоапарат во режим за приоритет на решетка (Tv) со брзина на бленда од 1/15 сек. Поставете ја чувствителноста на светлина на вашиот фотоапарат на ISO100 како почетна точка, а потоа прилагодувајте ја според нивото на амбиентална светлина во вашето опкружување сè додека не ја добиете саканата експозиција. Потоа, додека го притиснувате копчето за блендата, направете кратко и остро движење со фотоапаратот. Движењето горе-долу е одлично за сцени во кои има луѓе, бидејќи се задржува формата на телата, но може да се обидете да направите и хоризонтално движење, брза ротација или брзо зумирање.

Во режимот за приоритет на блендата (Tv) може да поставите и автоматско одредување на вредноста на ISO - достапно кај многу фотоапарати - за да можете да се концентрирате само на брзината на блендата.

3. Експозиција за светлите тонови

Улична фотографија снимена во подвозник, се гледа светлина која паѓа врз ѕид со графити.

Кога снимате апстрактни слики, најдобро е да снимате површини со силна светлина или контрастни бои - ваквиот контраст ќе ви помогне да го видите светот како серија на облици. Снимено со Canon EOS 90D и објектив Canon EF-S 18-55mm f/3.5-5.6 IS STM со избрани 39 mm, 1/160 сек., f/8 и ISO100.

LCD-екран и корисник кој ја намалува експозицијата на фотоапаратот за да добие потемна слика.

Активирајте компензација на експозицијата и намалете ја експозицијата за еден или два чекори за да добиете правилна експозиција за светлите тонови во сончевите денови. Имајте предвид дека за да го направите ова треба да користите поставки за автоматска експозиција како приоритет на решетка или приоритет на бленда.

Фотографите избегнуваат да фотографираат при директна сончева светлина во текот на денот бидејќи таа создава силен контраст со длабоки сенки. Но, кога станува збор за улично фотографирање, таквиот контраст ќе ви овозможи да ги поедноставите динамичките сцени и да ги претворите во прекрасни апстрактни форми. Кога ја прилагодувате експозицијата за светлите тонови, сенките во вашите слики ќе станат речиси потполно црни и ќе создадат облици без детали.

Најлесниот начин да го направите тоа е да ја активирате функцијата за Компензација на експозицијата. Намалете ја експозицијата за еден или два чекори за да ја затемните сцената со цел сенките да станат длабоки, а деловите од сцената со силна сончева светлина да останат светли.

4. Снимајте двојни експозиции

Улична фотографија од двојна експозиција од силуети на згради мапирани една врз друга, од кои едната е свртена обратно.

Во режимот за повеќе експозиции, фотоапаратот нуди прегледување во живо на споената слика додека фотографирате, што го олеснува обликувањето на кадарот за втората експозиција за да можете да ја усогласите со првата. Снимено со Canon EOS 90D и објектив Canon EF-S 18-55mm f/3.5-5.6 IS STM со избрани 55 mm, 1/160 сек., f/7,1 и ISO100.

Обратно завртен LCD-екран на фотоапарат од Canon што прикажува двојна експозиција од згради што изгледаат закачени на небото.

Ако го завртите фотоапаратот обратно за вториот кадар од двојната експозиција, ќе создадете нереални градски сцени.

Двојните експозиции, кои се популарни уште од 19-от век, ви овозможуваат да преклопите две слики една врз друга за да добиете неверојатни резултати. Canon EOS R8, EOS R7 и други нови модели нудат наменски режим за повеќе експозиции кој ви овозможува да го создадете ефектот додека фотографирате. Треба само да го активирате режимот, да го поставите саканиот број на експозиции и да започнете да фотографирате. Ова е практично за да го видите ефектот однапред додека го снимате вториот (или третиот, или четвртиот - режимот дозволува најмногу девет) кадар, за да го приспособите кадарот за најинтересен бленд.

Кога барате субјекти и сцени за вашите двојни експозиции, имајте предвид дека светлите површини ќе останат исти или ќе се осветлат, но никогаш нема да се затемнат. Тоа значи дека ако фотографирате потемни згради и форми со светла заднина зад нив, како што е сонцето, може да добиете одлични слики.

5. Издвојувајте детали

Улична фотографија од странично снимен облакодер од ниска перспектива, со стакло во боја што ја покрива едната страна.

Кога шетате со вашиот фотоапарат, побарајте интересни точки на контраст, хармонизирани шеми, геометриски форми, нагласени бои или апстрактни архитектонски детали. Снимањето слики одблиску од елементи на згради, како што е оваа слика снимена под агол, е одличен начин да ги претворите архитектонските структури во апстрактни дела.

Едно од најголемите задоволства во уличното фотографирање е огромниот избор на интересните детали што нè опкружуваат, почнувајќи од апстрактни архитектонски линии до разнобојни знаци, текстури, типографија и рефлектирани прикази. Најдобрите апстрактни фотографии најчесто имаат едноставни композиции. Ако се фокусирате на еден или два детали и изоставите сè останато, тогаш може да создадете прекрасни фотографии што укажуваат на поширокото опкружување околу нив. Ваквите слики може да послужат и како прекрасни уметнички дела за на ѕид, па зошто не ги отпечатите тие што ви се омилени?

Уличното фотографирање е најдостапниот вид на фотографирање. Не ви треба комплицирана и скапа опрема за да започнете. Не мора да патувате во странство, да се искачувате по планини или да седите со недели во скривалиште додека не видите ретко суштество. Сѐ што ви треба е да си ја земете торбата со опрема, да излезете на улица каде што живеете и да започнете со фотографирање. Тоа е вештина што се подобрува со вежбање. „Додека не ги обучите очите, не сфаќате дека неверојатните моменти се случуваат постојано“, вели Andres. „Потребно е трпение“.

Фасцинантните субјекти ви се на дофат. Излезете, подгответе се и притиснете го копчето за фотографирање.



Напишано од Rachel Segal Hamilton, James Paterson и Marcus Hawkins

Слични производи

  • PowerShot V1

    Компактни дигитални

    PowerShot V1

    Компактен фотоапарат претежно наменет за снимање видео во 4K-резолуција, со прецизен автоматски фокус и кристално јасен звук - идеален за креатори на содржини во движење.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R10

    Преземете ги следните чекори во фотографирањето и снимањето со фотоапаратот без огледало EOS R што е дизајниран со сензор со големина APS-C.
  • Фотоапарати без огледало

    EOS R8

    Преминете на фотографии и видеозаписи во формат за целосна слика и остварете ги вашите креативни амбиции.
  • EOS R50 V

    Фотоапарати без огледало

    EOS R50 V

    Бидете креативни со фотоапарат со заменливи објективи претежно насочен кон снимање видео, опремен со напредни функции за снимање за да ги усовршите вашите содржини.
  • Објективи RF

    RF 28-70mm F2.8 IS STM

    Мал, брз и лесен објектив со зум од 28-70 mm и f/2,8, наменет за фотоапарати без огледало и опремен со стабилизација на слика и заштита од лоши временски услови. Одличен е за патувања, портрети и секојдневна креативност.
  • Стандарден објектив

    RF 50mm F1.8 STM

    Компактен, тивок и лесен примарен RF-објектив од 50 mm, со широка решетка од f/1,8, што е совршен за реализирање на вашата креативна замисла.

Слични статии

Предизвик за објектив за улично фотографирање

Зошто Canon RF 28mm F2.8 STM е суштински елемент на торба со опрема за улични фотографи.

Совети за архитектонска фотографија

Впуштете се во архитектонската фотографија со помош на техниките и советите од професионалец.

Совети за фотографирање улични портрети

Најдобрите совети за снимање извонредни улични портрети од професионалниот фотограф Julian Love.

Најдобри објективи за надградување од стандарден објектив

Сакате да се надградите од стандардниот објектив кој дојде испорачан со вашиот фотоапарат? Еве што треба да барате, како и пет одлични објективи со зум за покреативни опции.